Рокас денеска ќе му го врачи на Мицкоски Извештајот на ЕК за напредокот на земјата

by valentina 08:14
08:14

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска ќе му го врачи на премиерот Христијан Мицкоски Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.

По средбата, двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.

Во Извештајот, кој вчера беше презентиран во Брисел, се оценува дека Северна Македонија активно се вклучила во новиот План за раст за Западен Балкан и ги интензивирала активностите за реализација на неговите четири столба: интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, спроведување суштински реформи и зголемена финансиска поддршка.

Сепак, Европската комисија посочува дека останува потребата од спроведување на клучните реформи поврзани со евроинтегративниот процес.

Во делот на надворешната политика, Комисијата констатира дека земјава ја задржала целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина. Според Извештајот, ова претставува потврда на стратешката определба на државата за членство во Унијата и нејзината улога како доверлив партнер.

Северна Македонија продолжила со подготовките на потребната документација за исполнување на условите за отворање на првиот кластер „Основи на процесот на пристапување“. Сепак, нема напредок во усвојувањето на уставните измени, предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година.

Во извештајниот период продолжило и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Комитетот за стабилизација и асоцијација одржал состанок во април 2026 година, прв по 2021 година. Европската комисија наведува дека земјава одржувала добри односи со останатите држави од процесот на проширување и продолжила да учествува во регионалните иницијативи.

Во односите со соседите, во Извештајот се нагласува дека постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни. Меѓу нив се наведени Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Најсериозните забелешки се однесуваат на владеењето на правото и основните права, каде што е забележано умерено ниво на подготвеност и ограничен напредок. Европската комисија оценува дека нема напредок во превенцијата и борбата против корупцијата, која останува широко распространета и претставува сериозна причина за загриженост.

Особено се посочуваат доцнењата во постапувањето по предметите за корупција на високо ниво, од кои дел застаруваат. Тоа, според Комисијата, придонесува за создавање перцепција дека постои неказнивост.

Слични вести