Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, смета дека Македонија мора да изгради политички консензус за прашањата од долгорочен државен интерес, наместо секое несогласување да се претвора во политичка пресметка. Во интервју за телевизија Сител, таа порача дека постигнувањето договор меѓу политичките противници не треба да се доживува како предавство или отстапување од сопствените позиции, туку како неопходен чекор за напредок на државата.
Осврнувајќи се на застојот во евроинтеграциите, Шекеринска нагласи дека меѓународната поддршка е значајна, но дека решенијата за домашните предизвици мора да произлезат од самата држава.
Според неа, македонското општество е премногу поделено, а политичката дебата сè почесто се сведува на меѓусебни обвинувања и одбрана на сопствените политички редови.
„За некои работи мора да се конфронтираш, мора да се расправаш. Но има теми, особено подолгорочните, за кои од време на време мора да направиш и некоја согласност. Тоа не е предавство, не е попуштање, ниту компромис во смисла во која кај нас тој збор се доживува како срамен. Тоа е како заедно да ја туркате државата напред“, изјави Шекеринска.
Таа оцени дека политичките разлики се составен дел од демократското општество, но дека постојаната поларизација може сериозно да ги загрози долгорочните интереси на земјата.
„За големи држави е неиздржлива, за малите е самоубиствена“, рече Шекеринска, говорејќи за последиците од длабоките политички поделби.
Во однос на европската перспектива, таа посочи дека државите кои не учествуваат во институциите каде што се носат одлуките имаат ограничена можност да влијаат врз политиките што директно ги засегаат.
„Кога не сте на масата, одлуките нема да ги пресликуваат вашите приоритети и вашите потреби“, нагласи таа.
Како пример го посочи членството на Македонија во НАТО, каде што земјата има право да учествува во носењето одлуки за безбедносните прашања заедно со останатите сојузници.
„На темите за безбедност ние сме на масата, и сакам да бидеме и на сите други важни маси“, порача Шекеринска.
Таа потсети дека и членството во НАТО со години изгледало како тешко остварлива цел, особено поради спорот со Грција и сложените меѓународни околности. Сепак, земјата успеала да стане полноправна членка на Алијансата, а денес има и претставник на една од највисоките функции во организацијата.
Шекеринска истакна дека во речиси осумдецениската историја на НАТО само шест земји претходно имале претставник на функцијата заменик-генерален секретар, а Македонија е седмата.
Според неа, ваквото достигнување треба да биде поттик за поголема самодоверба и доказ дека и малите држави можат да имаат значајно влијание во меѓународните организации.
Таа се осврна и на начинот на функционирање на НАТО, посочувајќи дека постигнувањето согласност меѓу 32 земји членки бара постојана комуникација, подготвеност и способност за изнаоѓање заеднички решенија.
Шекеринска смета дека една од слабостите на македонското општество е склоноста проблемите постојано да се посочуваат, без истовремено да се преземаат конкретни чекори за нивно надминување.
Таа предупреди дека очекувањето странските партнери да понудат готови решенија за домашните политички прашања е погрешен пристап.
„Ни Брисел, ни Вашингтон, ни Берлин нема да го осмислат македонското решение – тоа мора да го направат самите граѓани и институции“, порача Шекеринска.
Во интервјуто таа зборуваше и за заминувањето на квалификуваните кадри од Македонија. Како што посочи, во европските центри среќава голем број успешни Македонци кои имаат знаење, искуство и желба да придонесат за развојот на својата земја.
Сепак, според неа, неопходно е институциите да создадат услови во кои способностите и професионалноста ќе бидат препознаени и соодветно вреднувани.
Говорејќи за безбедносните предизвици, Шекеринска ја нагласи и стратешката важност на Западен Балкан за НАТО. Како пример го наведе долгогодишното присуство на мисијата КФОР на Косово, кое, според неа, ја потврдува посветеноста на Алијансата на стабилноста во регионот.
На крајот, Шекеринска порача дека Македонија има потреба од поголема доверба во сопствените можности, но и од подготвеност политичките и општествените чинители да преземат заедничка одговорност за иднината.
Според неа, искуствата од претходните кризи покажуваат дека и најсложените прашања можат да се надминат кога постојат политичка волја, јасна цел и подготвеност за дејствување.
„Парализата е опасна. Мора да почувствуваме дека можеме“, заклучи Шекеринска.