Хрватските граѓани на крајот на септември годинава имале вкупно 29,6 милијарди евра кредити, што е за 2,9 милијарди евра повеќе од претходната година. Најновите податоци на Хрватската народна банка (ХНБ) покажуваат дека граѓаните,истовремено, имале 43,9 милијарди евра депозити на своите банкарски сметки.
Вкупните кредити за граѓаните, компаниите и другите домашни сектори на крајот на септември изнесувале 53,9 милијарди евра. Тоа е зголемување од 4,7 милијарди евра во споредба со септември минатата година. Годишниот раст на кредитите се забави од 10,2 проценти на крајот на јуни на 9,5 проценти на крајот на септември.
Од вкупно 29,6 милијарди евра кредити за домаќинства, 15 милијарди се однесуваат на станбени кредити, а 11,6 милијарди на ненаменски готовински кредити.
Годишниот раст на кредитите за граѓаните се забави малку, од 11 проценти на крајот на јуни на 10,9 проценти на крајот на септември. Растот на станбените кредити се забави од 13 на 12,5 проценти, а на другите кредити од 8,2 на 6,3 проценти. Истовремено, растот на ненаменските готовински кредити се забрза од 9,2 на 10,2 проценти, пресмета Хрватската народна банка, пренесе Хина.
Кредитите за нефинансиските друштва, односно компании, на крајот на септември изнесуваа 18,5 милијарди евра. Од нив, 6,2 милијарди се однесуваат на кредити за средства за обрт, а 7,7 милијарди на кредити за инвестиции. Во споредба со септември минатата година, кредитите за компании се зголемија за 1,6 милијарди евра, или 9,7 проценти.
Годишниот раст на инвестициските кредити остана непроменет на 9,8 проценти. Растот на кредитите за средства за обрт се забави од 10,6 на 10,3 проценти, додека растот на другите кредити се забрза од 8,5 на девет проценти.
ХНБ објави и податоци за депозитите. На крајот на септември, вкупните депозити на домашните сектори изнесуваа 73,8 милијарди евра, што е за 4,7 милијарди евра или 6,8 проценти повеќе во однос на претходната година. Депозитите на домаќинствата се зголемија за 2,2 милијарди евра, или 5,2 проценти, додека депозитите на нефинансиските компании се зголемија за 1,4 милијарди евра, или 7,7 проценти.
На крајот на септември, граѓаните имаа вкупно 43,9 милијарди евра депозити, компаниите 19,5 милијарди евра, а државата 7,3 милијарди евра.