Македонскиот гувернер тврди – медиумите ја урнаа „Алта Банка“

by jadranka 21:19
21:19

Медиумите ја урнаа „Алта банка“ со шпекулации дека се изнесуваат пари, рече Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Македонија (НБРМ), во вечерашното гостување во емисијата Топ тема на телевизија Телма. Славески го кажа тоа на новинарска констатација дали не му било чудно тоа што домашна банка дала понуда за преземање на Стопанска банка – Битола (сегашна „Алта банка“), тоа било несоодветна за акционерите, а потоа НБРМ дала дозвола на банка од надвор („Алта банка“ – Белград), истата за која во Србија имаше новинарски текстови за нејзина поврзаност со Давор Мацура.

Мацура е бизнисмен означуван како близок со до неодамна владејачката Српска напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ. Вучиќ ја изгуби власта на предвремените парламентарни избори во Србија на 25 октомври, а Мацура синоќа беше приведен.

Прашањето до Славески беше – дали тоа не му било чудно и дали ги следел пишувањата во медиумите, вклучително и на „Фајненшл Тајмс“, дека преку српската „Алта банка“ се перат пари.

„Фајненшл Тајмс“ е еден од најреномираните меѓународни бизнис-весници, со седиште во Лондон.

„Не сте го прочитале демантот веројатно. „Фајненшл Тајмс“ може се да напише, тоа се дневни весници и така натаму, да не се поведуваме по тоа“, рече Славески.

На констатација дека и медиумите во Белград пишуваа многу работи кои на крај се покажаа точни, бидејќи Мацура е во притвор, Славески рече: „Не се сите точни..еве сега пишуваа медиумите, и тие ја урнаа „Алта банка“, тие шпекулации дека се изнесуваат пари. Кога се создава атмосфера на недоверба, знаете, банките се кршливи, кревки институции, тие работат на доверба“.

Тој кажа дека пред „Алта банка“ – Белградда ја преземе Стопанска банка – Битола, НБРМ писмено се обратила до инстуциите за супервизија во Австрија, до Европската централна банка и до други регулатори и побарале мислење. Притоа кажа дека Европската централна банка претходно дала дозвола „Алта групација“ да купи 10 проценти од акциите на банка од ЕУ, тоа е „Адико банка“ од Австрија.

Славески не смета дека згрешил во носењето на одлуката за влезот на српската „Алта банка“ во Македонија, бидејќи тој сам не одлучува, туку поостапил според предлогот на супервизијата.

„Акционерот беше „Алта банка“ во Белград, за нас е важно дека имаше лиценца од Народната банка на Србија, не можам да знам дали некој стои зад името на Мацура, не знам дали тој е вистинскиот сопственик. Ние бевме убедени дека банка која успешно работи во Србија, која е регулирана од нивната централна банка, има ревидирани извештаи, ги задоволува условите да стане акционер во наша банка во услови кога имавме банка пред пропаѓање, тоа беше Стопанска банка – Битола“, рече Славески.

Пред два дена, Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“, која е во стопроцентна сопственост на Давор Мацура. Медиумите со години го опишуваа како бизнисмен близок до Српската напредна партија (СНС) на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, иако нема потврда дека е нејзин член.
Откако Народната банка на Србија ја започна стечајната постапка, неправилности во работењето на „Алта група“ беа пријавени и во Северна Македонија и во Црна Гора.

Народната банка на Македонија воведе привремена управа во „Алта банка“ – Битола и ограничувања на исплати за граѓаните на 10.000 денари неделно. Во меѓувреме, се отвора и прашањето за судбината на парите на штедачите, како и за одговорноста за пропаѓањето на банката.

На овие случувања со Алта банка во Србија, а потоа и во Македонија, му претходеа информации изнесени во српската јавноста дека по поразот на Вучиќ и СНС на парламентарните избори на 25 октомври, се изнесуваат огромни суми на пари од оваа банка во Белград кон сметки на лица и фирми во Скопје и Москва.

Слични вести