Со барања за зголемување на платите, намалување на трошоците за живот и кириите, поголеми инвестиции во здравството, образованието и јавните услуги, како и против издвојувањата за вооружување, денеска во Рим се одржува протест во рамки на генералниот штрајк организиран од Синдикалната унија на базата (USB), пренесе МИА.
На собирот, којшто започна на плоштадот „Пјаца деи Чинквеченто“, се приклучија работници од повеќе сектори, студенти, пензионери и претставници на различни општествени движења.
Под мотото „30 години војна против платите – пари за здравство, образование, домување и пензии“ и со пораката „Ние го создаваме богатството, вие сте крадци на иднината“, демонстрантите ги истакнуваат последиците од растот на цените и долгогодишната стагнација на платите, барајќи промена на економските и социјалните политики на владата на премиерката Џорџа Мелони.
Во обраќањето пред присутните, претставник на Синдикалната унија на базата ја повика работничката класа да продолжи со протестите и покрај најавените санкции поради одлуката на синдикатот да не го повлече штрајкот, иако, како што рече, биле воведени ограничувања на правото на штрајк во повеќе сектори.
– Но, нема да застанеме, ниту ќе се откажеме, затоа што сме на вистинската страна. На страната сме на обесправените слоеви од населението, кои страдаат; на страната сме на студентите што немаат иднина; на страната сме на земјоделците, кои се принудени да престанат со сеењето бидејќи, кога ќе ги соберат и продадат производите, не можат да ги покријат ниту трошоците за производство – рече претставник на „USB“.
Упати критики за даночната политика на владата, посочувајќи дека самовработените со годишни приходи до 100.000 евра плаќаат рамен данок од 15 проценти, додека даночното оптоварување за работниците со бруто-плата под 30.000 евра годишно, според неговите наводи, достигнува 33 проценти.
Синдикатот бара основна месечна плата од најмалку 2.000 евра, со дополнителни додатоци и надоместоци, а како дел од барањата ги посочува и подобрувањето на условите за работа, заштитата на работниците и зголемувањето на средствата за јавните услуги.
– Детските градинки се во очајна состојба, училиштата се во очајна состојба, а сепак и оваа година 14 милијарди евра се издвојуваат за големите компании, пред сè за „Леонардо“, која остварува огромни профити од зделки низ целиот свет, вклучително и од продажбата на оружје на нашата армија – порача претставник „USB“.
Се осврна и на проблемот со домувањето во Рим, наведувајќи дека во градот има 37.000 барања за иселување, поврзани со неможноста на граѓаните да ги отплаќаат кредитите или да ги плаќаат високите кирии. Според него, растот на краткорочното туристичко издавање дополнително го отежнува пристапот до домување за локалното население.
Во говорот беше посочена и безбедноста при работа, при што синдикатот побара законско воведување на кривичното дело убиство на работното место. Претставникот на „USB“ рече дека во Парламентот е поднесен предлог-закон за ова прашање, но досега не бил ставен на расправа.