Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека Обединетите нации не се криминална организација и дека на нивно чело не би требало да стои човек кого тој го спореди со мафијашки бос.
Неговата изјава доаѓа по наводите дека Соединетите Држави би можеле да го предложат поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан за нов генерален секретар на ОН.
Говорејќи на прес-конференција по заедничката седница на владите на Чешка и Унгарија во Прага, Унгарецот рече дека никој не планира да ги укине Обединетите нации.
Сепак, тој се осврна на можноста Орбан да биде номиниран за водечка позиција во таа меѓународна организација, пренесува унгарската новинска агенција МТИ.
– Никој не сака да ги укине Обединетите нации, но ако некој сака да ги уништи, добар почеток би било да се постави некој како Виктор Орбан – рече Маѓар.
Унгарскиот премиер нагласи дека, и покрај сите недостатоци на Обединетите нации, тој не ги смета за криминална организација.
Маѓар дополнително ја поткрепи својата критика укажувајќи на случајот со тројца поранешни високи функционери од владата на Орбан, кои веќе се наоѓаат во притвор.