Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека колапсот на стариот глобален поредок ги загрозува интересите на средните сили во Европа и Азија, при што повика на зајакната соработка и поврзување на трговските договори меѓу двата региона.
За време на посетата на Сингапур, Мерц рече дека Европската унија – со своите 450 милиони потрошувачи – поактивно бара партнерства за проширување на слободната трговија, заснована на отворена конкуренција, доверливост и утврдени правила, како одговор на ограничувањата во глобалната трговија, пренесе Ројтерс.
„Ова е намерна спротивност на она што го гледаме во моментов. Сакаме да работите ги правиме поинаку и да покажеме дека постои подобар начин“, изјави Мерц на прес-конференција.
Тој ја повика ЕУ подобро да ги координира постојните билатерални трговски договори со партнери како што се Сингапур, Малезија, Индонезија и Индија, со цел да се создадат подобри можности за европските компании во тој регион.
Премиерот на Сингапур, Лоренс Вонг, изјави дека неговата земја, по преземањето на претседавањето со Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во 2027 година, ќе работи на унапредување на преговорите за договор за слободна трговија помеѓу АСЕАН и ЕУ.
ЕУ веќе има билатерални договори за слободна трговија со неколку земји-членки на АСЕАН, додека преговорите со други земји се во тек.
„Свесни сме дека ова ќе биде предизвик. Ситуацијата е сложена, но можеме да задржиме одредено ниво на оптимизам во однос на понатамошниот напредок“, рече Вонг.
Тој исто така изјави дека ЕУ би била подготвена да се вклучи во иницијативата на АСЕАН за поврзување на електроенергетските мрежи, како и да ја интензивира соработката во областите на одбраната и безбедноста.
Како потенцијална рамка за проширување на трговската соработка, Мерц го спомена и Сеопфатниот и прогресивен договор за транспацифичко партнерство (CPTPP), кој опфаќа 12 земји, меѓу кои се Јапонија, Обединетото Кралство, Канада, Мексико, Австралија, Сингапур и Малезија.