Македонската претставничка Ана Стојаноска го освои последното, 16. место на Детската Евровизија 2026, која синоќа се одржа во Малта.
Со песната „Идната јас“ освои вкупно 57 поени – само шест од националните жирија и 51 од онлајн-гласањето на публиката. Победата ѝ припадна на Ерменија, која со песната „BOO!“ освои 202 поени.
Финалето на 24. издание на Детската Евровизија се одржа во Та’ Кали, со учество на 16 земји. Ана настапи под редниот број 12.
Иако онлајн-публиката ѝ додели 51 поен, слабата поддршка од националните жирија влијаеше врз конечниот пласман. Со само шест поени од стручните комисии, Македонија го забележа најслабиот резултат на годинашното натпреварување.
Разликата меѓу двата извора на гласови е особено забележлива: публиката ѝ додели на Ана повеќе од осумпати повеќе поени отколку жирито. Сепак, вкупните 57 поени не беа доволни за подобра позиција на конечната табела.
Пред Македонија се пласираа Албанија со 62 поена, како и Португалија и Ирска со по 64. Црна Гора го освои 12. место со 68 поени.
Победничка на годинашното издание е 13-годишната Наре од Ерменија, која со песната „BOO!“ освои 202 поени. Од нив, 103 ѝ ги доделија националните жирија, а 99 пристигнаа од онлајн-гласањето на публиката.
На второто место заврши Шпанија со 184 поени, а третото ѝ припадна на Франција со 165. Францускиот претставник доби најмногу поени од стручните жирија – 114, но гласовите од публиката ѝ ја донесоа победата на Ерменија.