Има неколку мотиви за протестите што ескалираат во Албанија. Тие почнаа како демонстрации против изградба на луксузни хотели во заштитени подрачја на крајбрежјето, а подоцна прераснаа во антивладини протести со кои се бара Еди Рама да се повлече. Не да даде оставка, не предвремени избори, туку целосно да се повлече од политиката, го опишува во видео-разговор за „Фокус“ политичкиот аналитичар Џелал Незири, она што се случува во последните неколку дена кај западниот сосед.
Незири оценува дека хоризонталната структура на учесниците на протестите, без видливо водство ја става албанската влада во една неповолна ситуација, затоа што нема со кого да разговара. „Пред неколку дена Рама постави неколку столици пред неговата канцеларија во Тирана за некој да дојде и да има рзаговор со него, но дојде толпа луѓе и тие солчиња ги искршија. Значи, не се јасно прецизирани кои се нивните барања. Тие искажаа неколку – од техничка влада која ќе ги организира изборите, затоа што Рама го контролира целосно системот. Потоа има барања за негова оставка, да замине од политиката и да овозможи во Албанија да влзе нова генерација. Има и некои нелогични барања. Но, нема некоја изразена хиерархија, некоја екипа која, барем досега, не се појавија да се легитимира како организатор на тие барања. И, во една таква ситуација таа криза нема да заврши наскоро“, смета Незири.
Според него, се зависи од тоа каков потег ќе направи Еди Рама. Ако одлучи дека не може повеќе да купува време и да игра на картата на долг рок да измори демонстрантите, тогаш ваквата ситуација може да потрае повеќе месеци и на крајот пак да заврши со предвремени избори. Незири, сепак не очекува ситуацијата не очекува состојбата да ескалира до степен да се повтори 1997 година кога во една анархична ситуација беа зеземени и депоа со оружје.
Во видео-интервјуто тој дава оценка и за она што се случува во Србија, кое трае повеќе од две години, а ќе кулминира в недела со предвремени избори кои според неподелено мислење, се најнеизвесни во последните повеќе од две децении. Какво е нивното влијание, но и какво е влијанието на демонтрациите во Франција и неколку други земји во Европа. Но, и каква рефлексија сето ова, евентуално би имало врз Македонија.
Подготвиле:
Зоран Фиданоски – Томислав Георгиев – Орце Костов