Славјанка Петровска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ оцени дека СДСМ не ги исполнил ветувањата за внатрепартиска демократизација и поголемо учество на членството во носењето одлуки.
Според неа, промените што биле најавувани во периодот на изборот на новото партиско раководство останале нереализирани, иако токму демократизацијата била едно од клучните ветувања кон членовите.
„Рековме дека, како научена лекција од минатото, тоа ќе го промениме, но, како што гледате, и две години подоцна, тоа не е променето“, истакна Петровска.
Таа посочи дека членството не смее да се бара само за време на избори, протести или настани на кои треба да се покаже масовност, туку мора да има реално влијание врз партиските одлуки.
Петровска смета дека членовите треба да бидат вклучени во изборот на претседатели на општинските организации, кандидати за градоначалници, советници и пратеници.
Според неа, прекумерната централизација на одлучувањето создава незадоволство и го ограничува влијанието на членството врз политичката насока на партијата.
Таа нагласи дека барањето за демократизација не значи укинување на директниот избор на претседател на СДСМ, туку проширување на демократските принципи и врз останатите партиски процеси.
Петровска оцени дека токму неисполнетите ветувања за реформи се меѓу причините за растечкото незадоволство во СДСМ.