Ракометарите на Вардар 1961 ја извојуваа првата победа во Лигата на шампиони, откако вечерва во супериорен стил го надиграа францускиот вицешампион Нант на гостински терен со 33-27 во рамки на претпоследното коло во групата Б.
Иако Нант поведе со 2-0, Вардар брзо се врати и уште во 11. минута имаше предност од три гола (8-5). Одличната одбрана, предводена од голманот Валах, беше клучна за контролата на резултатот.
„Црвено-црните“ во првиот дел стигнаа и до плус четири, а на паузата заминаа со водство од 16-13.
Во вториот дел Вардар имаше седум гола предност (24-17), а десет минути подоцна разликата порасна на девет гола (31-22).
Тузолана во 57. минута ја донесе највисоката предност од десет гола (33-23), со што победникот веќе беше решен.
Нант успеа само да го ублажи поразот до конечните 27-33.
Голманот Валах собра фантастични 17 одбрани.