1
Илјадници студенти, ученици и наставници денеска излегоа на протести во повеќе грчки градови, барајќи поголеми инвестиции во образованието, подобри услови во училиштата и на факултетите, како и поголема поддршка за образовниот систем.
Според податоците на грчката полиција, околу 10.000 лица учествувале на протестите во Атина и околните населени места. Најбројни биле учениците и студентите, кои мирно го изразија незадоволството од состојбите во образованието.
Демонстрантите изразија поддршка и солидарност со студентските и образовните движења во Франција и други европски земји, каде во изминатиот период се одржуваат протести поврзани со зголемените трошоци за живот и условите во образовните институции.
„Од Грција до Франција сакаме јавно и бесплатно образование“, скандираа учесниците пред грчкиот Парламент.
Протестите се одржаа во период кога голем број граѓани во Грција се соочуваат со економски притисоци, меѓу кои бавен раст на платите, високи трошоци за изнајмување станови и зголемени сметки за енергија.