(ВИДЕО) На 11 и 12 години освоија алпски врвови над 4.000 метри – Давид и Анастасија Цекови остварија исклучителен алпинистички успех

by irena 20:00
20:00

Еден месец поминат на Алпите, повеќе искачени врвови над 4.000 метри, целосно помината Breithorn Traverse и низа технички алпинистички искачувања, ова е дел од летната авантура на 11-годишниот Давид и 12-годишната Анастасија Цекови.

Заедно со нивниот татко Иван Цеков, тие успешно реализираа повеќе сериозни високогорски предизвици, меѓу кои искачувањата на Roccia Nera, Pollux и Castor, како и техничката насока на Aiguille d’Entrèves. Според досегашните проверки на семејството, ваква комбинација од алпинистички искачувања не е документирана кај македонски планинари на нивна возраст.

Нивната авантура започнала на 31 јули, кога со изнајмен кампер тргнале кон Италија. Еден ден подоцна пристигнале во Червинија, каде што останале цел месец, внимателно следејќи ги временските услови и подготвувајќи се за планираните искачувања. Како што раскажува нивниот татко Иван Цеков, ова не било прво високогорско искуство за Давид и Анастасија. Во 2025 година успешно го искачиле Gran Paradiso, висок 4.061 метар, но ова лето решиле да направат чекор понатаму и да се соочат со технички многу посложени алпинистички предизвици.

„Идејата за Roccia Nera и целата Breithorn Traverse беше дел од поширок план што го подготвувавме со месеци. Пред да тргнам со децата на технички посериозна тура, имам практика претходно лично да ја поминам насоката со искусна екипа, за да се запознаам со теренот, техничките делови и можните опасности“, објаснува Цеков.

Токму затоа, уште во април, Иван  ја поминал планираната насока од Roccia Nera преку целата Breithorn Traverse. Целта била детално да се запознаат со теренот, техничките премини и потенцијалните опасности, пред истата насока да ја реализира со децата.

Иван го документирал искачувањето со фотографии и видеоснимки, кои подоцна ги разгледувал заедно со Давид и Анастасија. На тој начин децата однапред се запознавале со карактерот на теренот и технички посложените делови што ги очекувале.

Но кога во август пристигнале на Алпите, ги пречекале значително поинакви услови. Глечерите биле повлечени, голем дел од карпите останале без снег, а некои премини биле многу посложени отколку само неколку месеци претходно.

„Децата и самите ги забележаа промените. Коментираа дека одредени делови изгледаат сосема поинаку од снимките што ги гледавме дома. Таму каде што во април имаше снег, сега имавме голи карпи, а движењето по нив беше технички многу посложено. Тоа е една од спецификите на алпинизмот, теренот може значително да се промени во зависност од условите“, вели Цеков.

Првиот сериозен предизвик се појавил уште при пристигнувањето во бивакот Rossi e Volante, кога кај Давид и Анастасија се појавиле симптоми што укажувале на висинска болест, меѓу кои вртоглавица и мачнина. Поради тоа, семејството одлучило да го одложи планираното искачување и да побара лекарска консултација.

„Добро сме запознаени со ризиците од висинската болест и со ситуациите во кои е неопходно итно спуштање на помала надморска височина. По консултација со лекар и врз основа на нивната состојба, останавме уште една ноќ во бивакот, внимателно следејќи ги симптомите. Одлуката беше јасна, доколку симптомите продолжат или се влошат, ќе се откажевме од искачувањето и ќе се спуштевме“, раскажува Цеков.

По дополнителниот одмор симптомите целосно се повлекле, а децата се чувствувале добро, по што семејството продолжило со планираното искачување.

Следувало искачувањето на Roccia Nera (4.075 м), од каде што семејството продолжило по целосната Breithorn Traverse, движејќи се по гребенот од исток кон запад, преку врвовите на масивот Breithorn, сè до западниот, главен врв Breithorn (4.164 м). За разлика од класичната, технички полесна нормална насока кон западниот врв на Breithorn, која е класифицирана со тежина F, целосната траверса од исток кон запад има алпинистичка оцена AD+ според Швајцарскиот алпски клуб (SAC).

Станува збор за технички сериозна високогорска насока која вклучува експонирани карпести и снежни гребени, карпесто качување и спуштање со јаже, а бара солидно алпинистичко искуство, техничка подготвеност и издржливост.

Искачувањето започнало во 4 часот наутро од бивакот Rossi e Volante, а околу 19:30 часот семејството веќе било спуштено од Breithorn. Зад нив останале околу 15 и пол часа движење по сериозен високогорски терен, со бројни технички премини и значителен физички напор. Најголемите предизвици биле експонираните карпести премини, тесните гребени и деловите на кои поради променетите услови морале да се спуштаат со јаже, односно да прават абзел.

„На одредени места се движевме буквално по карпест нож, со голема изложеност од двете страни. Тоа се делови каде што нема простор за невнимание и каде што секое движење мора да биде прецизно и контролирано. Некои од тие делови беа навистина тешки дури и за мене“, вели Цеков.

И покрај сериозноста на теренот, Иван нагласува дека Давид и Анастасија самостојно ги совладувале техничките делови, користејќи сопствена сила и техника, но со соодветно алпинистичко осигурување.

„На техничките делови се движевме во наврска од тројца. Јас бев прв, Давид втор, а Анастасија трета во наврската. При качувањето најпрво јас го совладував конкретниот дел од насоката, поставував соодветно осигурување, а потоа тие самостојно го искачуваа истиот дел, обезбедени со јаже. Особено сакам да нагласам дека никогаш не ги влечам со јажето. Тие самите ги совладуваат техничките предизвици, а осигурувањето служи за заштита при евентуален пад“, објаснува Цеков.

По повеќе од 15 часа движење, заморот бил огромен, но кај Давид и Анастасија се гледало исклучително задоволство од постигнатото.
По враќањето во бивакот Rossi e Volante, каде што преноќиле, се сретнале со полски планинари. Откако се сместиле и ја средиле опремата, децата веднаш почнале да им раскажуваат за искачувањето и за најтешките моменти низ кои поминале.

„Иако претходно беа целосно исцрпени, додека раскажуваа се чувствуваше колку се среќни и горди на тоа што го постигнале. Мене лично тој момент ми остана како еден од најубавите спомени од целото патување“, раскажува Иван.

Следното утро се спуштиле во Червинија, каде што одморале неколку дена пред следниот алпинистички предизвик.
Потоа повторно се искачиле до бивакот Rossi e Volante, од каде што следното утро го искачиле Pollux (4.092 м) и продолжиле со спуштање кон планинарскиот дом Guide d’Ayas.

Веќе следното утро тргнале кон Castor (4.223 м), каде што се соочиле со уште еден сериозен технички предизвик.
На пристапот од седлото Zwillingsjoch (Passo di Verra) кон завршниот снежен гребен, условите биле значително поинакви од оние во април. Делот што неколку месеци претходно бил релативно блага снежна падина, во август бил многу пострмен и технички посложен. За напредување морале да користат ледени завртки (ice screws) како дел од системот за осигурување.

По напорното искачување, пред нив се појавил исклучително тесен и изложен снежен гребен, долг според нивната проценка околу стотина метри, со стрмни падини од двете страни. На одредени места имало простор едвај за едно стапало, поради што движењето барало посебна концентрација и прецизност.

Токму таму Иван одлучил да застанат и заедно да ја проценат ситуацијата.

„Ги прашав Давид и Анастасија како се чувствуваат, дали се подготвени да продолжиме и дали целосно разбираат каков терен имаме пред нас. Разговаравме за опасностите, за начинот на движење и осигурување, како и за тоа како би реагирале доколку некој од нас се лизне. Сакав да разберат што точно нè очекува и како планираме да се справиме со ризиците“, раскажува Цеков.

По разговорот и дополнителната проценка на условите, децата се чувствувале посигурно и заедно одлучиле да продолжат.
За Иван, овој момент бил особено значаен, бидејќи децата покажале дека можат сериозно да разговараат за ризиците и да учествуваат во донесувањето одлуки на технички сложен терен.

 

По успешното искачување на Castor, семејството се спуштило кон планинарскиот дом Quintino Sella, а оттаму продолжило кон долината, по што со автобус се вратиле во Червинија.

По неколку дена одмор реализирале уште едно техничко алпинистичко искачување, Aiguille d’Entrèves, во масивот Мон Блан, познат по своите остри карпести гребени и изложени премини.

Во продолжение на престојот, во Швајцарија ја поминале и целата долга варијанта на Daubenhorn кај Leukerbad, најдолгата ферата во земјата, со техничка тежина K5-K6. Станува збор за долга и физички напорна ферата, со стрмни карпести делови, метални скали и изложени премини.

Реализирале и уште една ферата во близина на Червинија, со што го завршиле алпинистичкиот дел од едномесечното патување.

Според Иван Цеков, врз основа на досегашните проверки што ги направиле во Македонија, Давид и Анастасија се најмладите македонски планинари што на нивна возраст ги имаат реализирано овие конкретни високогорски и технички искачувања.

За нивниот татко, посебно значење има фактот што не станува збор за еден изолиран успех, туку за повеќе различни алпинистички предизвици, реализирани низ континуирана подготовка и постепено стекнување искуство. Иако зад себе оставиле бројни тешки искачувања, децата не покажале желба за одмор од планините. Напротив, нивното следно прашање било кога ќе го искачуваат Мон Блан.

Семејството имало резервација за ноќевање во планинарски дом на 23 август, како дел од планираното искачување на Мон Блан, највисокиот врв на Алпите. Но поради високите температури и сушата, кои придонеле за зголемена опасност од одрони во кулоарот Goûter, надлежните власти на 11 август донеле одлука за затворање на планинарските домови Tête Rousse и Goûter на нормалната рута кон врвот.

Домовите повторно биле отворени дури на 26 август, три дена по нивниот планиран термин. Поради тоа, семејството морало да се откаже од искачувањето, што било особено големо разочарување за Давид и Анастасија.

„Кога се вративме во Червинија, едно од првите прашања беше кога ќе одиме на Мон Блан. По сите искачувања што ги имаа зад себе, децата беа убедени дека можат да се справат и со тој предизвик. Кога им соопштивме дека поради условите нема да можеме да одиме, беа навистина многу разочарани. Искрено, не очекував дека толку тешко ќе им падне откажувањето на Мон Блан, особено по толку многу реализирани искачувања“, вели Цеков.

Сепак, Мон Блан останува една од нивните идни цели, а таткото верува дека кога ќе се создадат соодветни услови, повторно ќе се обидат да го реализираат и тој предизвик.

За Иван, најголемото достигнување не се само искачените врвови, туку искуството, самостојноста и љубовта кон планините што неговите деца ја развиваат со секое ново искачување.

„Како родител, особено сум горд што успеавме заедно да ги реализираме овие активности и што гледам како со секое следно искачување децата стануваат посигурни, поискусни и посамостојни на планината. Она што мене најмногу ме радува е што ова не го доживуваат како нешто што мораат да го прават, туку како активност во која вистински уживаат и за која имаат огромна желба“, порачува Иван Цеков.

Маја Терзиова

Слични вести