Најавата за изградба на новиот Клинички центар ја враќа старата македонска приказна за најголемото здравствено ветување што со години се преместува од локација на локација, од влада на влада, од прес-конференција на прес-конференција, додека лекарите и пациентите продолжуваат да функционираат во истиот распаднат систем.
Досега сè пропадна во вода, а архивите во Министерството за здравство останаа да кријат разни документи, тендерски постапки, фаворизирани фирми, физибилити студии… Сè остана само на хартија или во изборните програми на партиите.
Но, да не биде покус од другите, овојпат нова понуда исфрли и актуелниот премиер Христијан Мицкоски, кој дури најави дека изградбата би требало да почне во текот на следната година, а новиот ултрамодерен Клинички центар би бил поврзан со болницата „8 Септември“, преку подземен тунел под булеварот Илинденска, а во комплексот би биле вклучени и ПЕТ-центарот и поликлиниката „Букурешт“.
Тој, исто така, откри дека се водат разговори со сопственикот за можна замена по што би следувала промена на намената со специјален закон. Премиерот дури истакна дека е задоволен како течат преговорите по однос на ова прашање. Мицкоски ја фрли топката во јавност, но засега тука заврши сè.
Оттука се отвора Пандорината кутија – кое е точно земјиштето, каде би се градел новиот Клинички центар, кој е, всушност, сопственикот на тоа приватно земјиште со кој Мицкоски преговарал, дали станува збор за трампа на земјиштето или ќе треба да се плати во кеш? Многу прашања, малку одговори.
ПРЕГОВАРА ЛИ МИЦКОСКИ СО СВЕТО ПИВАРА?
Екипата на „Фокус“ направи обиколка на местото пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што се наоѓа земјиштето за кое владата на Мицкоски најавува изградба на нов Клинички центар. Станува збор за една од најатрактивните парцели во главниот град, на вкупна површина од околу 60.000 квадратни метри, која досега во неколку наврати беше разгледувана и посочувана за разни капитални инвестиции.
Од тоа што можевме да забележиме на терен се работи за огромна површина, за која од далеку се гледа дека е неискористена и запустена, а се наоѓа во едно од најубавите и најфреквентни места во скопски Карпош. Целата парцела, која се простира до бензинската пумпа „Макпетрол“ и поминува покрај главниот пат, на една од најпрометните улици е прекриена со исушена трева, по некое дрво, а едно од најатрактивните земјишта веќе со години пропаѓа, без разлика што на ова место во неколку наврати беше споменувана изградба на згради, трговски центри и разни комерцијални објекти.
Исто така, на самата парцела може да се забележи и спортско игралиште, но, сепак, целото друго земјиште е запустено и оставено повремено просторот да се користи за поставување привремени забавни паркови…

Атрактивната парцела пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ не е во директна сопственост на Општина Карпош и Град Скопје, туку, според информациите на „Фокус“, е во приватна сопственост на познатиот бизнисмен Светозар Јаневски. Ова земјиште, претходно беше во рацете на фирма на словенечки „Меркатор“, но зад него веќе десет години стои македонскиот бизнисмен, поточно од 2017 година, кога ја купува фирмата што го поседува земјиштето.
За ова земјиште, во 2013 година „пукна“ и корупциска афера, која заврши со судскиот процес „Агент“, во кој поранешниот директор на УБК, Слободан Богоески, две години заврши зад решетки. Тој и уште неколку други лица беа обвинети за злоупотреба на службената положба, пречекорување на овластувањата и манипулации, односно перење пари при купопродажба на градежното земјиште во близина на спортската сала „Борис Трајковски“.
Богоески и другите осудени јавно ги отфрлија обвинувањата, тврдејќи дека случајот е политички монтиран и конструиран од тогашната власт, преку обвинителот Јован Илиевски, а тој подоцна изјавуваше и дека бил прислушуван и дека поседувал докази за монтирањето на случајот.
Оваа атракативна парцела, со години, беше предмет на судски спорови, политички афери и неуспешни бизнис-инвестиции до моментот додека отиде во рацете на бизнисменот Јаневски.

Кога веќе премиерот Мицкоски јавно кажува дека преговара со приватниот сопственик на една од најатрактивните земјишта во Скопје, дали тоа значи дека тој веќе преговарал со Јаневски за самата парцела и што му понудил?
Според нашите информации, преговори веќе се воделе, но и двете страни целата работа ја држат во тајност, како да станува збор за државна тајна. Нашите извори тврдат дека работата во моментот завршила само со преговори, но сè уште ништо официјално ниту е договорено, ниту спроведено. Времето ќе покаже дали воопшто ќе падне некаков договор.
Сепак, ако се вратиме неколку години наназад, поточно во 2021 година кога вмровците сè уште беа во опозиција, тие редовно преку соопштенија обвинуваа и прашуваа – „Дали Свето Пивара стои зад зградите кај спортскиот центар ‘Борис Трајковски’““, алудирајќи дека на тоа земјиште ќе се градат згради, комерцијални објекти…
„Со измени во ДУП-от го уништуваат спортскиот центар „Борис Трајковски“, одземајќи му ги тениските игралишта, картингот и дел од базенот за таму да може да никне широка улица, која ќе води до парцела каде што треба да никне бетонско чудовиште на транзицискиот богаташ Свето Пивара?
На Карпош и на Скопје ќе им бидат одземени спортски терени кои служат за рекреација на илјадници луѓе за да можат тесна клика на луѓе да профитираат. Колку чини овој шверцерски ДУП“, прашуваа вмровците.

Но, по пет години, реториката е променета, а кога се бизнисот и парите во прашање, сè е заборавено и оставено во аналите на историјата.
Ирена МУЛАЧКА
Рамка1:
МЗ НЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“
Веднаш по официјалната изјава на премиерот Мицкоски, „Фокус“ на оваа тема испрати прашања и до Владата и до Министерството за здравство.
Од Влада не упатија на одговори во ресорното министерство:
„Во врска со вашите прашања, ве упатуваме директно да се обратите до надлежната институција, Министерството за здравство, за прецизен, точен и целосен одговор“, не упатија од Влада.
1.Од каде потикна идејата за изградба на нов Клинички центар на местото кај Борис Трајковски?
2.Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека парцелата е на приватен сопственик. Дали има некакви преговори со него на оваа тема?
3.Ова е петта по ред локација за изградба на Клинички центар. Дали мислите дека местото е соодветно за ваков проект?
4. Од кога би требало да се стартува со целата процедура?
Сепак, и покрај повеќе од еден месец испратени прашања, за подоцна на истите уште еднаш да побараме одговори, од ресорното министерство не ни вратија повратни одговори.