Еди Рама: Никој не може да ме собори со насилство!

by irena 11:13
11:13

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека неодамнешните протести во земјата се користат за хибридна војна, дестабилизација и попречување на процесот на преговори со Европската Унија, нагласувајќи дека никој не може да ја собори владата со сила.

Говорејќи на средба со директори на средни училишта во Министерството за образование, посветена на учеството на адолесценти во насилство и напади врз полицијата, Рама истакна дека овие протести не се поврзани со реалните потреби на учениците, туку претставуваат организиран напад, спроведен од обучени поединци и поттикнат од странски актери.

„Каменот во раката на некој што го фрла кон полицијата е оружје. Овој бран на насилство мора да запре“, рече Рама, отфрлајќи ги тврдењата за непропорционална употреба на сила и наведувајќи дека во немирите се повредени околу 200 полицајци и 80 демонстранти.

Тој, исто така, обвини дел од медиумите дека свесно ја претвораат општествената загриженост во гнев, со крајна цел – соборување на владата.

Рама нагласи дека е подготвен за дијалог со секој што има политичка алтернатива, но порача дека насилството нема да ја собори владата.

Поради учеството на малолетници во немирите, Рама најави строги административни мерки, меѓу кои се: финансиска одговорност на родителите за штетата предизвикана од нивните деца, можност за намалување на старосната граница за кривична одговорност, како и потенцијално ограничување на користењето на социјалните мрежи за лица помлади од 16 години.

Слични вести