Прашањата на Обвинителството за бројот на влезови и излези во дискотеката „Пулс“ во Кочани и можноста за евакуација на посетителите во ноќта на пожарот предизвикаа повеќе приговори од одбраната и реакции од семејствата на жртвите на денешното судење во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје.
Обвинителството во продолжението на денешното рочиште бараше од вештакот ангажиран од одбраната, Петре Русески да одговори за бројот и функционалноста на излези на објектот, градежните материјали, планот за евакуација и самата евакуација на посетителите, како и функционалноста на вентилацијата, со оглед дека, како што укажа “вештакот веќе се впушта во анализа и оценува дека објектот исполнувал соодветна минимално-технички услови”.
Вештакот Русески рече дека не правел таква анализа, а констатациите што ги навел, рече, се само од веќе утврдени од други надлежни институции, како што е ДПИ и тие што веќе ги издале.
-Кажав дека при добивање одобрение за градење треба да се приложи и елаборат за заштита од пожари. Таков елаборат со оглед дека добил одобрение постои и градбата ги исполнува, така и е изграден. Понатаму, објектот има добиено употребна дозвола да се користи како деловен објект и тука Законот за градење нема повеќе ингеренции. Што се однесува до дејноста што се обавува во објектот постојат институции кои вршат проверка на елаборатите и се надлежни да проверат. Што се однесува на критичната вечер, дали да или не биле исполнети, неколку пати посочив дека треба да одговори вешто лице од противпожарна заштита, ние како архитекти и градежни вештаци не можеме – изјави Русески.
Откако обвинителот Дарко Јакимовски бараше од вештакот Русески да каже дали може да се заклучи од неговото вештачење дека вечерта посетителите непречено можеле да ги користат сите три врати за евакуација, вештакот рече “реков дека имало три влезови и излези, но не за евакуација, тоа е прашање за вешто лице од противпожарна заштита”.
По дополнителните прашања од обвинителот Јакимовски, за вештакот да одговори конкретно како доаѓа до тој заклучок дека има три, а не само една врата која се заглавила кога настанало стампедо и посетителите не можеле да излезат откако избувнал пожарот, првообвинетиот Дејан Јованов му довикна “Ако сакаш да знаеш, јас последен излегов низ таа врата!”.
Обвинителството бараше од вештакот да одговори и дали му е познат член 3 од Законот за градење и одредбите од член 19 од Правилникот за мерки за заштита од пожари каде стои дека за тавани треба да се користи материјал со отпорност на пожар од најмалку 0,5 часа, вештакот рече дека таква анализа не правел.
– Правилникот го анализирав од аспект на забрана на употреба на сунѓерот и барав одредба дали сунѓерот е забранет – изјави вештакот.
Прашањето дали полиетиленскиот сунѓер придонел за настанување на пожарот, судот не го дозволи, посочувајќи дека вештакот во својот наод наведува дека “причината за настанување на пожарот ја утврдил само од форензичкиот наод и мислење”.
На прашања од Обвинителството, дека нема направено анализа за значењето на полиетиленскиот сунѓер за настанување и ширење на пожарот, за бројот на посетители и евакуација, улогата на внатрешноста и уреденост на просторот, ниту дали ги анализирал можностите за напуштање на дискотеката… вештакот рече: “За сунѓерот не постојат од ниту една страна лабораториски испитувања за неговиот ефект затоа што сунѓерот на самото место не постои, изгорел. За евакуацијата и бројот на посетители треба да одговори вештак од таа областа”.
Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со изведување докази предложени од одбраната.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година за време на концерт на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, што претставува една од најтешките несреќи во поновата историја на државата.