Здружението ловно друштво „Руен“ од Велес ималe успешна акција за спасување и ослободување на млада кафеава мечка, која била зафатена во нелегално поставена жичена примка на локалитетот Чеплес во близина на Солунска Глава.
Од Здружението велат дека во координирана акција со надлежните институции, СВР Велес и стручно ветеринарно лице од Зоолошката градина – Скопје, биле преземени мерки за безбедно спасување на животното.
Животното било стручно успиено, детално прегледано и ослободено од затегнатата сајла. Станува збор за млада машка кафеава мечка на возраст од околу три години и со тежина од приближно 70 килограми. По извршениот ветеринарен преглед, е констатирано дека мечката нема видливи повреди, по што е успешно вратена во нејзиното природно живеалиште.
„Овој настан ја потврдува важноста на меѓуинституционалната соработка, стручноста и одговорниот пристап во заштитата на дивите животни и зачувувањето на природното богатство“, истакнуваат од „РУЕН“.
По повод овој инцидент, од ловното друштво упатуваат посебен апел до сите совесни ловци и граѓани за зголемена будност и одговорност.
Секој сомнителен случај на криволов, поставување нелегални примки и други незаконски активности треба веднаш да се пријави до надлежните органи.
Од „Руен“ велат дека нелегално поставените примки претставуваат сериозна опасност за дивите животни и можат да предизвикаат тешки повреди и долготрајно страдање.