ДИК: До 17 часот излезеноста во Брвеница 39,34 проценти, гласале 6.392 граѓани

by irena 19:02
19:02

До 17 часот на изборите за градоначалник на Општина Брвеница гласале 6.392 граѓани, а излезеноста изнесува 39,34 проценти, покажуваат податоците објавени на веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК).

ДИК за 18.30 часот ја најави следната прес-конференција, на која ќе биде соопштен пресекот на излезеноста врз основа на податоците до 18 часот.

Од Комисијата претходно информираа дека до попладневните часови биле поднесени седум приговори, од кои два се усвоени и избирачите го добиле своето избирачко право, еден е одбиен како неоснован, додека четири се во постапка на разгледување.

Жителите на Општина Брвеница денеска избираат градоначалник на предвремените локални избори, распишани по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава.

За градоначалничката функција се кандитирани шест кандидати. Стојанчо Радически е кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески е кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, Јакуп Усеини настапува како кандидат на коалицијата ВРЕДИ, Аркин Јахији е кандидат на Националната алијанса за интеграција (НАИ), а во трката се и независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи.

Функцијата вршител на должност градоначалник во изминатиот период ја извршуваше Роберт Милошески.

Во Избирачкиот список се запишани вкупно 16.256 избирачи од десетте населени места во општината, од кои 449 се на привремена работа во странство, а девет лица се евидентирани во затвор или притвор.

Слични вести