Македонските идеи за можниот исход на Конференцијата за Југославија

Се бараше став од Македонија по прашањето на санкциите. Ставот го формулирав и го образложив на седница на Собранието на Македонија. Раководена од желбата за мир во федерацијата и свесна дека ЈНА е сè уште на територијата на нашата република, Македонија ги поддржа санкциите на ОН и на ЕЗ.

by valentina 11:29
11:29

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија

Карингтон и неговата екипа, која го сочинуваше секретаријатот на Конференцијата, побара од министрите за надворешни работи на шесте републики, концизни и многу јасни „идеи за можниот исход на Конференцијата за Југославија“. Значи, добивме наслов на составот, а од нас се побара на максимум една страница да го срочиме самите ние. Така, почна еден забрзан процес на запознавање на претставниците на меѓународната заедница со ситуацијата во Југославија преку ставовите на републиките, а од нивното усогласување требаше да произлезе мирно решение. На 12.9.1991 година, неколку дена по отворањето на Конференцијата, ги изложив и писмено ги приложив македонските идеи. Всушност, идеите беа скратена верзија на нашиот Меморандум, кој го напишав во август.

Еве што напишав. Исходот на Конференцијата треба да биде фундаментална демократска трансформација на Југославија. Почетната точка на овој процес треба да биде суверената позиција на секоја од републиките, како предуслов за нови форми на интеграција. Условот за дијалог е итно прекинување на огнот за повеќе да не се губат човечки животи. Потребно е деангажирање на армијата и на полицијата и разоружување на цивилите, заедно со ефикасно мониторирање.

Тоа што треба да следи е обид да се моделира пристап кон проблемите на Југославија како целина.

Пристапот треба да биде изграден врз цврсти демократски принципи што ќе ја гарантираат целосната еднаквост на републиките и на народите на Југославија. Овој пристап е дел од платформата Глигоров – Изетбеговиќ. Сево ова треба да ги смири силните – честопати ирационални чувства што ќе ѝ овозможи да пристапиме кон следната фаза – поставувањето на темелите на две можни решнија – сојуз на суверени држави или мирна дисолуција и создавање независни држави. И двете решенија треба да бидат дебатирани во атмосфера на умереност, толеранција и почит кон позицијата на другите. Во двата случаи треба да сме подготвени на компромис и да ги почитуваме демократските принципи за кои ќе се согласиме.

ПРИНЦИПИ

Ги предлагаме следниве принципи.

Почитување на внатрешните и надворешните граници затоа што промена на границите со сила ќе отвори цела серија кризи што ќе водат до тотална граѓанска војна.

Заемно признавање на републиките како суверени држави и нивно меѓународно признавање.

Меѓународни (европски) гаранции за човековите права и правата на малцинствата.

Армијата (ЈНА) не треба да ја употребува својата сила во разрешување на бројните и неизбежни политички конфликти, туку мора да се приспособи на процесот на промени.

Зачувување на економската заедница на Југославија, бидејќи нејзината фрагментација и создавањето заемно антагонизирани држави ќе нè одведе во сиромаштија, социјални немири и во нова граѓанска војна. Нужно е да се постигне договор со кој би се спречил сломот на економијата.

Сојузот, доколку се постигне согласност, мора да почива на степен на единство што е возможен во овој момент. Ова би бил почеток по кој демократијата и пазарните односи ќе отворат нови патишта кон повисоки форми на економска и политичка интеграција.

Дисолуцијата, доколку се постигне согласност, мора да биде спроведена на начин што ќе ги сочува добрососедските односи.

Траењето на мораториумот мора да биде продолжено до крајот на Конференцијата.

Од првиот ден на нејзиното свикување, Конференцијата за Југославија беше во трка со настаните на теренот, која постојано ја губевме. Имено, војната постојано ескалираше. Така, истиот тој септември 1991 година, кога Карингтон ги објави контурите на идното решение на кризата, во основа решението на Македонија, ЈНА ги нападна Далмација и Славонија, со што почна хрватската борба за независност. Борбата продолжи со опколување на гарнизоните на ЈНА на територијата на Хрватска од страна на милициски сили и на доброволци, со цел да се протераат војниците на ЈНА и да се земе оружјето. Следеше и одмаздничкиот напад на Вуковар, кој е срамнет со земја. И додека последниот војник на ЈНА ја напушташе Словенија, во октомври почнува опсадата на Дубровник. До декември, кога паѓа Вуковар и кога српската заедница се отцепува од Хрватска и ја прогласува Република Српска Краина, цела Хрватска е во пламен. А, сепак, Конференцијата што беше во тек, како и наметнатите воени и економски санкции беа единствените инструменти да се сопрат бестијалностите на етничките војни. За жал, вистинскиот инструмент, силата, ќе стане опција многу подоцна, дури откога кредибилитетот, а со тоа и интересите на Европа и Америка, ќе бидат сериозно загрозени.

ЕКОНОМСКИ И ВОЕНИ САНКЦИИ ПРОТИВ ЈУГОСЛАВИЈА

Неколку недели по почетокот на работата на Конференцијата, со резолуција 713, Советот за безбедност на ОН, на 25 септември 1991 година наметна општо и целосно ембарго на сите доставки на оружје и воена опрема за Југославија. Исти такви санкции воведе и ЕЗ во јули 1991 година, така што сега светот се обедини околу идејата на меѓународното право, за нелегитимност на употребата на сила во разрешувањето на домашните политички несогласувања. Покрај воените, ОН воведе и економски санкции против Југославија, а Комитетот за санкции беше задолжен за нивното почитување. Иако беше благородна, идејата со која требаше да се запре војната, само ја засили моќта на ЈНА, која го поседуваше далеку поголемиот дел од оружјето и чиј раководен кадар беше доминантно српски. На самиот почеток на кризата, никој не знаеше како ќе се одвиваат настаните. Се бараше став од Македонија по прашањето на санкциите. Ставот го формулирав и го образложив на седница на Собранието на Македонија. Раководена од желбата за мир во федерацијата и свесна дека ЈНА е сè уште на територијата на нашата република, Македонија ги поддржа санкциите на ОН и на ЕЗ.

Вечерта заѕвони телефонот дома. Ми се јави мојот професор Петар Манговски, кого го паметам како добар човек и ми ја изрази својата вчудовиденост и загриженост со одлуката да учествуваме во санкциите против Србија. Се обидов да му ја повторам сета аргументација во прилог на оваа политичка одлука што ја изнесов пред пратениците. Не сум сигурен дека го убедив. Остана загрижен за мене. Спуштајќи ја слушалката, се чудев на неговиот страв.

Денес, 35 години подоцна, воопшто не се чудам. Утредента заѕвони и телефонот на работа. На линија беше британскиот амбасадор во Белград, кој ми честита за говорот и ми порача: „Министрите во Лондон се многу задоволни“. Седам на масата и размислувам: „Добро, но што правиме сега ние со прекинати економски односи со Србија“.

(Продолжува)

Слични вести