Нема договор со Бугарија за да се предаде Ива Михаилова, уверува вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој ги отфрла тврдењата на опозицијата дека има политички договор со Бугарија.
Според Николоски, опозицијата има координација со Бугарија и работи со одредени структури од оваа соседна држава.
– Тие мислат дека можат да си ја подобрат позицијата не на начин што ќе го подигнат својот рејтинг, туку на начин што ќе го спуштат рејтингот на ВМРО -ДПМНЕ и очигледно дека работат со одредени структури во Бугарија, изјави Николоски во емисија на тв Канал 5.
Случајот со Михаилова, Николоски го гледа во контекст на претстојните претседателски избори во Бугарија.
– Овде се работи за след на околности, за луѓе кои се искористени и потоа фрлени. Самото тоа што нема соодветна реакција од таму зборува многу. Тие се земја членка на ЕУ и на НАТО и имаат развоен систем на владеење на правото и очекувам да ги почитува меѓународните стандарди во делот на владеењето на правото и да ја испорачаат Михајлова, нагласи Николоски.
Тој, како и премиерот, вели дека кога-тогаш правдата ќе ги стигне и Михаилова и нејзиниот татко кој е осомничен во случајот „Детонатор“.
– Така што не се работи за борци за човекови права или за луѓе кои имаат идеолошки проблеми со Македонија, туку очигледно за семејство кое што има сериозни законски проблеми со државата, посочи Николоски.