Во Министерството за образование во главниот град на Албанија, Тирана, избувна пожар на вториот ден од студентските протести. Полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите, пренесува „Дојче Веле“.
Синоќа илјадници демонстранти се собраа пред зградата на Министерството. Некои од нив ги имаа покриено лицата. Дел од учесниците фрлаа тули кон зградата, ги оштетија заштитните огради на тротоарите и превртеа канти за отпадоци.
Според „Ројтерс“, повикувајќи се на очевидец, се запалила и банка во близина на Министерството за образование. Протестите започнаа во вторникот како мирен собир на неколку стотици луѓе, но подоцна на одредени места прераснаа во насилни судири.
Во средата наутро, полицијата соопшти дека се приведени околу 40 лица, а 13 се повредени, меѓу кои и шестмина полициски службеници. Немирите продолжија и по објавувањето на овие податоци.
Заменик-премиерката Албана Кочиу изјави дека културата на протестирање прераснала во организирано насилство. Таа ги осуди нападите врз државните институции и полицијата, како и уништувањето на јавниот имот, и ги повика студентите да се оградат од насилството и вандализмот.
Организаторите на студентските протести велат дека протестираат поради условите за студирање на универзитетите, трошоците за високото образование, финансиската поддршка и можностите за вработување по дипломирањето. Според „Дојче веле“, овие настани веројатно претставуваат најсериозна ескалација на антикорупциските протести, кои во Албанија траат уште од мај и се насочени против владата на премиерот Еди Рама, како и против главната опозиција, предводена од Сали Бериша.