Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во централниот Дневник на МТВ побара Бугарија да ја екстрадира Ива Михајлова, посочувајќи дека тоа е најмалку што треба да го направи и побара одговорност дома од сите надлежните за овој случај.
– Бараме Бугарија да направи екстрадиција. И тоа е најмалку што Бугарија треба и може да направи во корист на добрососедските односи. Но, се враќам на вашето прашање зошто и како се сомневаме и што е тоа што знаеме во однос на можен договор под масата. Да потсетам на лажниот сертификат што директорот на АНБ, Бојан Христовски, го има од Бугарија. Да не е тоа причината зошто сега има вакви договори? Затоа што АНБ треба да има одговорност, затоа што МВР треба да има одговорност. А како ние можеме да бидеме сигурни дека сега нема некој таков договор, кога директорот на АНБ има фалсификуван сертификат за англиски јазик од Бугарија?. Нема што друго да е освен договор, затоа што нема објаснување како некој може така да помине граница. И адвокатот и самата Ива кажаа дека ја поминале границата најлегално, рече Филипче.
Филипче побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и од сите вмешани во овој случај.
– Вчера министерот за внатрешни работи би рекол скандалозно изјавува дека нашата граница е практично швајцарско сирење. Ама тоа не треба он да го изјави, тоа се гледаме сите секојдневно. Изминаa повеќе од две години како е тој министер за внатрешни работи. Се сеќавате на скандалите на границата со Косово, како поминуваше Африм Гаши на и така натаму. Како избега Артен Груби? Како се врати? Во контекст на договорите, го пречека практично со црвен килим. Најмалку што може, Панче Тошковски, сега, после овој скандал, последен во низата скандали е тоа. Да не го заборавиме случајот со пожарот во Кочани, се обиде да ги заштити делот од полицајците кои што таму работеа, рече Филипче.