Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека Ива Михајлова нелегално ја напуштила државата, а во текот на денов по неа ќе биде распишана меѓународна потерница.
– Согласно информациите кои ги имам меѓународна потерница ќе биде распишана денес, јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка и се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, се она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ – рече Тошковски во интервју за Сител.
Тоа Бугарија, вели тој, треба да го покаже со дела а не само со декларативни изјави.
Ива Михајлова, која во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, деновиве избега во Бугарија.
За Михајлова, која има и бугарско државјанство, во сила е активна судска забрана за напуштање на земјата.
Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија.
– Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија – соопшти попладнево МВР.
Медиумите во Бугарија објавија дека Михајлова се наоѓа во Софија.