Што ли договори Муцунски во Софија – прашуваат од Левица по бегството на Ива Михаилова

by irena 20:11
20:11

Левица преку соопштение реагира на бегството на Ива Михаилова, обвинета за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици, и покрај тоа што таа се наоѓала на стоп-листата на Министерството за внатрешни работи (МВР). Од Левица сметаат дека со овој случај МВР предводено од министерот Панче Тошковски повторно докажува дека не е способно да ги спроведе ниту сопствените мерки.

Од партијата потсетуваат дека и нејзиниот татко, Симеон Михаилов, кој е осуден на 13 години затвор за обид за убиство во случајот „Детонатор“, со години се крие од издржување на казната во Бугарија. Со ова, таткото и ќерката се наоѓаат надвор од дофатот на македонските правосудни органи.

Од Левица упатуваат директни прашања до власта и институциите, истакнувајќи ги пропустите во контролата и безбедноста.

Прашуваат уште колку луѓе треба да побегнат за да се признае крахот на системот нагласувајќи дека државните граници наликуваат на швајцарско сирење, а криминалот, шверцот и бегствата од правдата со години ја разобличуваат неспособноста на МВР да ја контролира сопствената територија.

Од Левица потсетуваат на неодамнешната средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со неговата бугарска колешка и прашуваат дали зад затворени врати во Софија се договарало замижување пред бегството.

„Дали зад затворени врати се договарало замижување пред бегството на Михаилова во замена за бугарско попуштање околу ветото? Дали власта е подготвена да ги жртвува владеењето на правото и одговорноста на институциите за да добие привидно придвижување кон ЕУ?“, прашуваат од Левица.

Според Левица, овој случај дополнително ја потврдува оправданоста на нивната претходно поднесена интерпелација против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Со ова, граѓаните добиваат порака дека доволно е да се најдеш од другата страна на границата за да станеш недостапен за македонските институции. Тоа е пораз на правната држава, а последиците за ваквата состојба не смеат повторно да изостанат“,стои во соопштението.

Од партијата порачуваат дека Тошковски нема кредибилитет и капацитет да ја води безбедносната политика на државата и бараат тој итно да понесе одговорност за, како што го нарекуваат, „безбедносниот дебакл“.

„Тошковски нема капацитет да гарантира ниту основна безбедност, ниту спроведување на мерките што ги изрекуваат судовите. МВР под негово раководство потфрла во своите најосновни задачи. Министер што не може да гарантира контрола на границите нема кредибилитет да ја води безбедносната политика на државата“, велат од Левица.

Веста дека Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и со бугарско државјанство, ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија утринава ја објави бугарската БТВ. Во изјава за медиумот, Михаилова вели дека поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа, одлучила да се врати во Бугарија.

По ова следуваше реакција од македонските власти кои рекоа дека Михаилова не била евидентирана ниту од македонската ниту од бугарската гранична полиција додека таа во изјава за бугарските медиуми кажа дека нема ништо нелегално во преминување на македонско-бугарската граница и оти тоа го сторила со своите лични документи.

Инаку, на Михаилова двата пасоша – и македонскиот и бугарскиот – ѝ биле одземени уште во октомври минатата година, кога учествуваше во сообраќајната несреќа со смртни последици за која ѝ се суди во Кочани.

Слични вести