На Ива Михајлова, која според информациите објавени во бугарските медиуми ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија, уште од 9 октомври 2025 година ѝ биле изречени повеќе мерки за обезбедување присуство во текот на судската постапка, соопшти Обвинителството.
Според информациите од Обвинителството, по предлог на надлежниот јавен обвинител, на Михајлова ѝ биле одземени двете патни исправи, македонската и бугарската, а истовремено ѝ била изречена забрана за преминување на државната граница со лична карта.
Покрај тоа, таа имала забрана за напуштање на Кочани, како и обврска редовно да се јавува кај определено службено лице.
Од Обвинителството нагласуваат дека надлежниот јавен обвинител ги презел сите мерки во рамките на своите законски надлежности за да го обезбеди присуството на обвинетата во постапката.
Особено се посочува дека ризикот од бегство бил една од клучните причини поради кои Обвинителството во повеќе наврати давало негативно мислење на барањата за враќање на нејзината патна исправа.
Ваквото појаснување следува откако Михајлова и нејзиниот адвокат Николај Димитров во изјави за бугарските медиуми тврдеа дека ја преминале македонско-бугарската граница легално и без никакви пречки.
Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека по извршените проверки во системот за гранична контрола не е пронајдена евиденција за излез на Михајлова од Македонија.
Дополнително, според информациите што МВР ги добило од бугарската гранична полиција, не постои ниту евиденција за нејзин легален влез во Бугарија.
Од македонската полиција посочија дека за Михајлова сè уште е во сила активна судска забрана, додека граничните евиденции покажуваат дека последен пат влегла во Македонија од Бугарија во октомври 2025 година.
Со оглед на спротивставените информации, останува отворено прашањето на кој начин Михајлова пристигнала во Бугарија, каде што, според нејзините изјави, треба да добие медицинска помош во болницата „Пирогов“.
Засега од доставените информации не може да се утврди како ја преминала границата, ниту дали надлежните институции ќе преземат дополнителни мерки во врска со нејзиното заминување.
Михајлова е обвинета во постапка поврзана со тешката сообраќајна несреќа што се случи во октомври 2025 година на патот Кочани – Штип, во која загина едно лице, а таа се здоби со сериозни повреди.