Адвокатот на Михајлова, Рауфи: Затекнат сум, Ива немаше дозвола од Судот да излезе од државата

by valentina 12:52
12:52

Адвокатот на Ива Михајлова, Насер Рауфи, вели дека и тој е затекнат од нејзиното заминување во Бугарија.

-Михајлова немаше дозвола од судот да ја напушти државата. И јас сум затекнат, утрово се информирав од медиумите. Никој не ме консултирал, изјави Рауфи за ,,Фокус”.

Инаку, Ива Михаилова од Кочани, која е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, според одговорот кој го добивме од МВР, се заклучува дека најверојатно избегала во Бугарија.

Поточно Михајлова за бугарските медиуми изјави дека легално ја поминала границата, но според МВР не е евидентиран нејзин излез од државата.

-Во однос на лицето за кое прашувате, Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија, одговорија од МВР за ,,Фокус”.

Во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ), Михаилова вели дека нема ништо нелегално во нејзиното преминување на македонско-бугарската граница и дека тоа го сторила со своите лични документи. На прашањето како ѝ било дозволено да замине од Македонија, таа вели оти граничната полиција соработувала.

„Ја преминав границата со моите документи. Вчера се чувствував многу лошо. Разговарав со мојот адвокат и се договоривме – заедно одлучивме тој да дојде по мене и јас да се вратам во Бугарија. Ги предадов документите на проверка и нè пуштија. Поминавме низ контрола. Немаше ништо незаконско во моето преминување. Следно, треба да бидам примена во болницата ‘Пирогов’ на лекување, по што ќе следи рехабилитација“, изјави Михаилова за БНТ.

Валентина ВУРМО

Слични вести