Владата откри дека 2,1 милион евра ги платиле пејачите за независноста, ама не кажуваат колку точно не чинел Гета

by irena 13:27
13:27

За хонорари на пејачите и музичките изведувачи кои настапија на прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија биле потрошени 129.307.500 денари, односно околу 2,1 милион евра. Ова денеска го соопшти владината портпаролка Марија Митева, презентирајќи го финансискиот извештај за организацијата на прославата.

Иако Владата ја откри вкупната сума издвоена за артистите, јавноста сè уште не доби одговор на прашањето колку точно чинеле поединечните настапи на светските музички ѕвезди, меѓу кои и Дејвид Гета, кој настапи на централната прослава на 8 Септември во Скопје.

Митева информираше дека компанијата задолжена за реализацијата на програмата доставила извештај од 81 страница, во кој се опфатени организациските, продукциските, техничките и финансиските аспекти на прославата.

Сепак, при презентацијата на финансиската структура беа соопштени само вкупните трошоци по категории, без детална распределба на хонорарите за секој изведувач поединечно.

Покрај Дејвид Гета, во рамките на одбележувањето на независноста настапија и светски познатите музички имиња Стив Аоки, Пол ван Дајк, Пол Оукенфолд и Хозе Карерас, како и бројни македонски музичари и изведувачи.

Централниот концерт на Дејвид Гета, одржан на Националната арена „Тодор Проески“, според презентираниот извештај, го следеле околу 50.000 посетители. Митева истакна дека станувало збор за еден од технички најсложените настани во рамките на програмата, со голема сценска конструкција, ЛЕД-екран долг 32 метри, светлосни и ласерски ефекти и дополнителни мерки за заштита на тревната површина на стадионот.

За целокупната прослава, која опфатила 18 настани во 13 градови, биле потрошени 340.509.749 денари, односно приближно 5,5 милиони евра.

Од оваа сума, покрај 129,3 милиони денари за хонорари на артистите и изведувачите, за продукција биле издвоени 96,2 милиони денари, за логистика 58,5 милиони, за маркетинг 2,8 милиони, а за хонорари на соработниците 53,5 милиони денари.

И покрај обемниот финансиски извештај и уверувањата од Владата дека јавноста треба да има целосен увид во трошењето на средствата, останува неодговорено едно од клучните прашања – колку точно бил платен Дејвид Гета за настапот на 8 Септември, како и колкави хонорари добиле останатите светски музички ѕвезди.

Од презентираните податоци не може да се утврди колкав дел од вкупните 2,1 милион евра бил наменет за странските изведувачи, а колкав за домашните артисти кои биле дел од програмата.

Слични вести