„Куча посао, посао куча“

by valentina 09:09
09:09

Пишува: Валентина ВУРМО

„Куча посао, посао куча“ и никако поинаку! Да не се мрда од оваа, дури опеана, монотонија на работникот. Да се нема слободно време за шетање навака-натака, туку само да се гледа куќата и работата.

Очигледно оваа е замислата и желбата на газдите за тоа како треба да им изгледа животот на нивните работници, кога в очи им брцнаа и продолжените викенди.

И така, најверојатно, додека еден продолжен викенд заглавиле во метежот за влез во Грција, за да ја изнесат дивидендата, а успат и да ги брцнат нозете во соленото Егејско Море, им светнало дека чарето се крие во тоа на останатите да им го „заебат“ викендот. Тогаш, ем тие на раат ќе си ја минат границата, ем профитот ќе им расте. И ете ти одличен бизнис-план, по кој Стопанската комора се затрча како дете по лижавче. А, мислеа дека ќе нè фатат на емоција со приказната дека компаниите трпеле големи економски загуби за време на споените викенди, бидејќи граѓаните масовно патувале во странство, најчесто во Грција, наместо да трошат во домашната економија.

Можеби оваа „жалопојка“ ќе ви „упалеше“ пред некоја година, завиткана како патриотски повик за бојкот на непријателскиот сосед, ама кога веќе ја наведнавме кичмата и го сменивме името, бар да се исплати, та да се избањаме како луѓе.

А и не е далеку од вистината дека годинава баш им прекипи на работодавците, бидејќи се погодија рекордни седум продолжени викенди. Лани имаше само пет, а следната година ќе има шест. Значи годинава навистина се „претера“ со излежавање на грчките плажи, а како олеснителна околност не се смета ниту паштетата купена од македонски маркет или евтиното грчко гиро. Или сит на гладен не верува, па мислат дека сите како нив се расфрлаат во грчките ресторани и таверни и извикуваат „Опа!“, додека кршат чинии.

И работникот извикува опа, ама со македонска конотација и дух, кога ќе види дека на средина од месецот веќе ја потрошил платата. Опааа, сега од кој минус да се додаде, односно одземе, за да се преживее месецот? Бидејќи зголемувањето на платите секако нема да им падне на ум на газдите, додека тие го извикуваат грчкото „Опа“!

Но, освен за Грција, од Стопанската комора им замеруваат и на работниците дека и не ти биле некои си верници, бидејќи ниту ги знаеле значењата на празниците, ниту ги славеле, туку ги гледале само како уште еден неработен ден?! Па, ако не пуштете контрола да проверите колкумина дента отишле во црква, дали правилно се прекрстиле, или недај Боже пуштиле перална?

Не ви поминува ниту изговорот дека во Македонија најмногу се одморало, за разлика од останатите европски држави. Можеби статистички е и така, но во тие држави, со кои сакате да се поистоветите, многу повеќе се вреднува и исплаќа работникот. Не залудно сè повеќе Македонците си го бараат чарето надвор од државата. Ако работат од утро до мрак, барем да им се исплати.

На крајот на краиштата, воопшто не ви е погоден ниту тајмингот за ваква капиталистичка идеја.

И токму во време кога веќе со години се доцни со носење мерки што ќе ги задржат граѓаните дома, ќе го запре иселувањето, ќе го поттикне и зголеми наталитетот, се предлага мерка што ќе го забрза процесот на самоуништување.

Како до многудетни семејства, ако се работи од „јутра до сутра“, па плус и на празници? Децата не се чуваат сами, туку треба цело едно село да ги изгледа! Селата одамна се испустија, а сега сакате и градовите да се доиспразнат.

Ако тоа ви е целта, не грижете се, на добар пат сте!

 

 

Слични вести