Обвинителката Раичевиќ, кандидат за шеф на ОЈО ГОКК: Ветувам бестрашна борба со криминалот

by valentina 08:45
08:45

Кон крајот на следниот месец ќе биде познат наследникот на Ислам Абази, досегашниот шеф на најмоќното обвинителство во државата, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.  Сите петмина кандидати за „Фокус“ споделуваат зошто сметаат дека се вистинскиот избор за прв човек на ова обвинителство, односно зошто колегите да гласаат за нив. Исто така, одговорат и на прашањето што му е потребно на ова обвинителство за да може бескомпромисно да се спротивстави на сериозниот криминал, како и тоа кои ќе бидат нивните заложби доколку бидат избрани?

Во оваа трка се обвинителите Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. „Фокус“, во следните денови, ќе ги објавува нивните изјави по редоследот кој е утврден со кандидатската листа која ја објави Советот на јавните обвинители. 

Обвинителката од скопското обвинителство Лидија Раичевиќ е со долгогодишно искуство, позната во пошироката јавност по водење на неколку високопрофилни и комплексни судски предмети, како „Ровер“, „Еразмус“, „Спортските ваучери на АМС“… Таа во неколку наврати се кандидираше за водечките позиции во обвинителството, вклучувајќи ја и функцијата Државен јавен обвинител. Обвинителката се занимава и со научно-истражувачка дејност.

Раичевиќ вели дека нејзиното искуство ја прави идеален кандидат за оваа значајна позиција.

-Моето искуство стекнато во работата во ОЈО ГОКК, бројот на завршени предмети, севкупното искуство како јавен обвинител и принципите кои ги негувам, се мојата препорака за гласање на колегите, ни одговори обвинителката.

Таа ветува сериозна и бестрашна борба со криминалот.

-Тоа обвинителство е дел од обвинителскиот систем и има воспоставено начин на работа кој функционира, но треба да се унапреди со проактивна работа на јавните обвинители, а на обвинителството му е потребен сериозно, искусно и достоинствено лице.

Заложбите ќе се состојат во одважна сериозна и бестршна борба со криминалот. Ќе мора да се поднесуваат обвиненија со докази и правично и законито да се водат постапките за да се подигне угледот на оваа важна институција, истакнува обвинителката Раичевиќ.

Валентина ВУРМО

 

Слични вести