Текстот е објавен на 1 октомври 2026 година во неделникот Фокус со број 1.617.
Ескалираше внатрешниот конфликт меѓу двете спротивставени фракции во СДСМ. Од една страна, поранешните функционери од ерата на Бранко Црвенковски – Игор Ивановски, Андреј Петров и други, обединети во платформата „12.05“, бараат Венко Филипче да си замине од лидерската позиција, обвинувајќи го дека е егзекутор на највалканиот дил во поновата политичка историја. Наспроти тоа, Филипче ги нарече пучисти и вмровска шема за деградирање и разнебитување на СДСМ. Доколку иницијаторите за промени не успеат да го убедат или натераат Зоран Заев да се откаже од неговото протеже на чело на СДСМ, тогаш Филипче ќе ја зацврти власта во опозициската партија, но и на политичката сцена генерално, особено ако притоа се ослободи и од впечатокот дека СДСМ е контролирана опозиција, на тој начин што ќе ја убеди јавноста дека платформата е таа што одработува за власта. Всушност, слични маневри за пренасочување на негативната перцепција и енергија веќе се случувале, кога тоа го направи Христијан Мицкоски со Сашо Мијалков, Никола Груевски со Љубчо Георгиевски итн.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Борбата за превласт во најголемата опозициска партија – СДСМ се чини дека добива сè посилна динамика и интензитет, откако претставниците на т.н. платформа за „Разговори за иднината во 12.05“ отворено побараа промена на актуелното раководство на СДСМ, нарекувајќи го продолжена рака на владејачката гарнитура.
Се разбира, ваквиот пристап автоматски резултираше со жестока реакција од страна на Венко Филипе, кој обвини дека во СДСМ се готви пуч по директива и инструкции на власта.
Каде е тука вистината?
„ВИРТУЕЛНА ОПОЗИЦИЈА“
Инаку, првото појавување на платформата „12.05“ се случи на почетокот на летово, кога по повеќемесечни подготовки зад кулисите конечно на јавна сцена во име на оваа групација настапија повеќе добропознати лица.
Како фронтмен настапи Игор Ивановски-Шема, поранешен висок функционер на СДСМ (потпретседател и генерален секретар), кој воедно во еден период беше пратеник и координатор на пратеничката група.
Не е тајна дека Ивановски се гледаше како наследник на Бранко Црвенковски во СДСМ, кога тој се повлече во 2013 година, но Црвенковски одби да форсира свој кандидат, што ги расипа неговите односи со Ивановски.
Нејсе, повеќе од една деценија подоцна, тој сега се јавува како модератор на дискусиите според правилата на „Chatham house rules“, на кои учествуваа уште неколку негови сопартијци со кои своевремено беше дел од сдсмовското раководство токму додека со партијата раководеше Црвенковски.
Меѓу нив е поранешниот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров, поранешниот потпретседател Гордан Георгиев, поранешниот портпарол Емилијан Станковиќ и уште неколку поранешни партиски функционери – Никола Ќурчиев, Александар Бајдевски, Диме Велковски, Коста Начевски…
Патем, интересно е дека учествуваа и неколку актуелни или довчерашни функционери и кандидати за јавни функции, како пратеничката Славјанка Петровска, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, членот на СДСМ Горан Стојковски-Диро, кој беше независен кандидат за градоначалник на Куманово итн.
Притоа, поширока и пошарена слика на настанот дадоа луѓе од други партии.
Во таа насока, треба да се наведе дека меѓу дискутантите беше Моника Зајкова, пратеничка и претседателка на ЛДП, која на последните парламентарни избори настапи во коалиција со СДСМ, но по изборите почна да дејствува независно и самостојно.
Воедно, учествуваше и поранешниот пратеник Мирослав Јовановиќ од Српската странка на Македонија, која, исто така, не е дел од коалицијата на СДСМ откако оваа партија падна во опозиција.
Но, се чини дека најголемо внимание привлече учеството на Амар Мециновиќ од Левица, која досега обично одбиваше комуникација со опозициски структури и воедно има спротивни погледи со другите (опозициски) партии во однос на главните стратешки прашања, како на пример членувањето во НАТО и чистата прозападна ориентација на земјава.
На крајот, на масата учествуваа и непартиски лица, како адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, универзитетскиот професор Ненад Марковиќ, аналитичари, новинари…
Во рамки на првата сесија, говорниците, меѓу другото, заклучиле дека „граѓаните денес живеат во реалност на неефикасна власт која за наводен политички противник си избира виртуелна опозиција“.
„Сите истражувања на јавното мнение укажуваат дека македонската политичка сцена нуди, на едната страна силна владејачка партија и коалиција, а на другата страна смислено фрагментирана опозиција. Опозицискиот простор не се пополнува со нови партии, туку со идеолошка и вредносна (р)еволуција. На Македонија и е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени“, истакнаа од таму.
„ПРОФИТЕРСКА КЛИКА“
Врз основа на тоа, веднаш почна да се исцртува позицијата на припадниците на оваа иницијатива, кои, всушност, имаат забелешки за компетентноста и капацитетот на Филипче, како и воопшто кон улогата на СДСМ како опозициска партија, нарекувајќи ја „виртуелна опозиција“, поради што, според нив, има потреба од „широк опозициски потенцијал за промени“.
Ако, сепак, имаше одредени прашалници околу главната цел на оваа платформа, сите дилеми се расчистија по втората сесија, на која, покрај другото, беше констатирано власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ е на „врвот на ранг-листата на неспособни влади“, поради „недостигот од искрена борба со криминалот и корупцијата, немањето волја за вистински реформи во правосудството, затајувањето во основните сервисни функции…“.
Згора на тоа, од таму посочуваат дека сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но и она на СДСМ, се претвориле во „идеолошки осиромашени партиски множествa на лојалисти и луѓе кои немаат ниту визија, ниту знаење како да ги решат напластените проблеми“.
Во меѓувреме, пак, со многу остар тон јавно настапи Ивановски, кој рече дека Филипче и кликата околу него е „политичко бизнис-профитерска клика“.
Тој додаде дека условот да седнат на иста маса со него е прво тој да прифати дека ќе си оди од лидерската позиција.
-Нашиот план за отворање консолидација, стабилизација и структурни промени во СДСМ ќе му го доставиме. Од него зависи колку побрзо ќе се започне овој процес на вистински промени во СДСМ – рече Ивановски.
Паралелно со тоа, на еден ТВ-настап се појави и актуелната пратеничка Петровска, која е единствен актуелен функционер од СДСМ или на СДСМ што се придружи кон иницијативата за смена на Филипче.
Посочувајќи дека ќе биде доставена „Стратегијата за промени“ до раководството на СДСМ, таа порача дека Платформата „12.05“ има сценарио А и сценарио Б за промени во опозициската партија.
–Јас никогаш не сум седела на маса, на плажа, по хотели, со луѓе кои се на „црна листа“ на САД. Немам бизниси со нив, не ми плаќаат пари, не примам ручеци, вечери, одмори. Бизниси настрана немам – изјави Петровска, додавајќи дека нема да дозволат СДСМ да остане заложник на ВМРО-ДПМНЕ.
Не требаше да помине многу време за да стигне реакцијата од Филипче, кој на долга прес-конференција на Бихаќка, во друштво на партиски функционери и членови, распали по дел од сопартијците од платформата, нарекувајќи ги „пучисти“ и „вмровска шема“.
Според него, сево ова се случува од причина што ВМРО-ДПМНЕ може да ја задржи власта само доколку СДСМ биде фрагментиран.
КАДЕ БЕВТЕ ЗА ГРУБИ И КЗ?
Имено, Филипче призна дека изборниот пораз на СДСМ во 2024 година бил „катастрофален“, но прстот за тоа го впери кон дел од учесниците во платформата „12.05“, потсетувајќи дека тогаш тие биле дел од раководните структури на СДСМ.
–Таму на масата седеа неколку луѓе кои учествуваа во работата на СДСМ до 2024. Игор Шема ја правеше програмата. Андреј Петров беше шеф на штаб. Славјанка Петровска држеше една од највисоките министерски функции, ресорот одбрана – рече тој.
Исто така, го спомена и поранешниот вицепремиер Артан Груби, тврдејќи дека неговото однесување влијаело врз рејтингот на СДСМ.
Па, од поранешните функционери тој побара одговор што направиле во тоа време за да го спречат „дивеењето“ на Груби?
Дополнително, ги прозва неистомислениците и за контроверзните измени на Кривичниот законик, прашувајќи:
„Се смени Кривичниот законик, што кажаа тие другари? Реформата е што нив ги нема. Тие за малку ќе ја закопаа партијата“.
На крајот, истакна дека сево ова не го правел за пари, туку го прави бидејќи има верба.
– Видовме во минатото поделби на партијата. Видовме формирање на ЗНАМ. Видовме обиди за пуч и крах на владата, Рекет. Верувајте, истите луѓе и истите структури се и позади овој проект. Нема да им успее – рече Филипче.
Во експресната контрареакција, од Платформата „12.05“ му порачаа на Филипче дека со Левица имаат многу разлики, но се согласни дека „на ти-дај ми“ тандемот Мицкоски-Филипче мора да биде поразен.
„Со хистеријата која упорно се обидува да ја наметне Филипче, тој свесно ги одвраќа опозициските гласови од СДСМ затоа што е уценет и мора да одработи во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Филипче не е и не може лажно да ѝ се продава на јавноста како жртва, бидејќи тој е егзекуторот на највалканиот дил во поновата политичка историја на Македонија“, реагираа од таму.
Од сите овие изјави и меѓусебно упатени пораки и обвинувања на јавна сцена меѓу актуелното раководство на СДСМ предводено од Филипче и иницијаторите за негова смена, чиј неформален лидер е Ивановски, може да се заклучи дека тие се напаѓаат кој е поблизок и кој повеќе соработува, т.е. одработува за власта на Мицкоски.
Од една страна, факт е дека веќе долго време се гради перцепција оти СДСМ на чело со Филипче е уценета и контролирана опозиција од страна на власта и Мицкоски, за што впрочем јавно проговорија и истакнати социјалдемократи, како екс градоначалниците Петре Шилегов и Костадин Костадинов.
МАНЕВАР ЗА СПАС ВО 5 ДО 12
Токму таквиот општ впечаток за тајна коалиција или кохабитација меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да го искористат иницијаторите за промени во СДСМ од платформата „12.05“, од каде што, ни повеќе ни помалку, Филипче го ставаат во тандем со Мицкоски, па дури го нарекуваат „егзекутор на највалканиот дил во поновата историја“.
На тој начин, тие недвосмислено го обвинуваат Филипче за шурување со Мицкоски, меѓутоа, намерно или ненамерно, засега одбиваат да го споменат и поранешниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев, кој јавна тајна е дека со сите сили го поддржа устоличувањето на Филипче за наследник на Димитар Ковачевски.
Знаејќи дека политички пензионираниот Заев сè уште во голема мера ги држи конците во СДСМ, иницијаторите за промени засега одбиваат директно да се конфронтираат со него, иако пораката дека Филипче не е избран со гласови од членството, туку со картички за гласање, посредно е порака до Заев, бидејќи се знае и кој поседува картички за гласање, но уште побитно – кој ги брои гласовите.
Очигледно, нивната стратегија засега не подразбира целосна битка со двоецот Филипче – Заев, туку создавање атмосфера во која единствен или макар најповолен избор на Заев ќе биде да се откаже од своето протеже Филипче, или народски кажано – да го пушти низ вода.
Меѓутоа, тоа можеби претставува есап брз крчмар, бидејќи Заев не дал никаков сигнал дека ќе крене раце од Филипче, дури напротив – пред блиски соработници порачал дека ќе се бори за него до последна капка крв.
Практично, така Заев се бори и за себе, бидејќи сè додека тој преку Филипче делумно или целосно има контрола врз партијата, тоа ќе му служи како заштитна брана од евентуален прогон од страна институциите на власта.
Затоа, оние бизнис и други структури што сакаат Заев и Заеви да ги видат зад решетки, сесрдно помагаат и спонзорираат Филипче да биде елиминиран од лидерската позиција во СДСМ, сметајќи дека тогаш сите тие ќе немаат како да се одбранат и заштитат од потенцијална одговорност.
Сепак, сите овие планови и математики на крајот многу лесно може да пропаднат, доколку Филипче успее да ја сврти ситуацијата своја корист.
А, тоа ќе се случи ако тој успее да се ослободи од впечатокот дека е контролиран од власта, така што ќе ја убеди јавноста дека Ивановски, Петров и другите од платформата се вистинските играчи на власта за разнебитување на опозицијата.
Ако успее во тоа, Филипче ќа је пренасочи цела негативна перцепција и енергија кон платформата „12.05“, правејќи го истиот маневар што своевремено Мицкоски го направи со Сашо Мијалков, што Никола Груевски направи со Љубчо Георгиевски итн.
Така, планирано или непланирано, може да испадне платформата „12.05“ да му послужи на Филипче како платформа за спас во 5 до 12.
Јавни искази со скриени пораки
КОЈ Е ЗАЕДНИЧКИОТ ИМЕНИТЕЛ НА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“ И „ЦРНАТА ЛИСТА“?
Во цела размена на тешки зборови, внимание привлекува пораката на Венко Филипче дека истите актери од случајот „Рекет“ стојат зад, според него, обидот за разнебитување на СДСМ од страна на Платформата „12.05“.
За потсетување, се работи за случајот што изби по пријава на бизнисменот Орце Камчев дека бил рекетиран од страна на тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и шоуменот Бојан Јовановски-Боки 13, кој заврши со осудителни пресуди и затворски казни.
Кога станува збор за Камчев, вреди да се напомене дека тој подоцна беше осуден во случајот „Империја“ и се најде на „црна листа“ на САД поради вмешаност во „интензивна корупција, перење пари и поткопување на демократските институции“.
Во меѓувреме, Славјанка Петровска, деновиве изјави дека не седела на иста маса со лице од „црна листа“ на САД, алудирајќи дека тоа го правел Венко Филипче, меѓутоа не наведе конкретно на кое лице мисли.
Како што е познато, покрај Камчев, на „црна листа“ на САД во изминатите години се најдоа Сашо Мијалков, Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко и др.