Обвинителот Фатон Азизи, кандидат за шеф на ОЈО ГОКК: Нудам професионалност

by valentina 10:20
10:20

Кон крајот на следниот месец ќе биде познат наследникот на Ислам Абази, досегашниот шеф на најмоќното обвинителство во државата, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.  Сите петмина кандидати за „Фокус“ споделуваат зошто сметаат дека се вистинскиот избор за прв човек на ова обвинителство, односно зошто колегите да гласаат за нив. Исто така, одговорат и на прашањето што му е потребно на ова обвинителство за да може бескомпромисно да се спротивстави на сериозниот криминал, како и тоа кои ќе бидат нивните заложби доколку бидат избрани?

Во оваа трка се обвинителите Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. „Фокус“, во следните денови, ќе ги објавува нивните изјави по редоследот кој е утврден со кандидатската листа која ја објави Советот на јавните обвинители. Па така, прв на оваа листа е обвинителот Азизи. 

Тој во 2019 година е избран за јавен обвинител во скопското обвинителство, а во 2024 година беше делегиран во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Азизи досега бил вклучен во повеќе сложени предмети како„Адитив“,  „Ботокс“, и „ФФМ“.

Обвинителот вели дека довербата од колегите ќе ја бара врз основа на неговата досегашна работа, познавањето на институцијата и конкретната програма што ја нуди за нејзиниот натамошен развој.

-ОЈО ГОКК го познавам одвнатре – како обвинител кој работи во него. Ги знам неговите капацитети, но и предизвиците со кои секојдневно се соочуваме. Затоа знам што треба да зачуваме, што треба да зајакнеме и каде имаме простор да бидеме подобри.

Мојот концепт на раководење е да се почитува професионалната самостојност на секој јавен обвинител, а раководителот да создава услови обвинителите да ја имаат потребната стручна, аналитичка, финансиска, истражна и дигитално-форензичка поддршка. Сакам обвинителот да има силна институција зад себе и сите потребни ресурси за својата одлука да ја донесе врз основа на фактите, доказите и законот, вели обвинителот Азизи.

Тој додава дека ова обвинителство не го гледа како изолирана институција. Силно ОЈО ГОКК, како што вели, не значи силен остров во системот, туку институција што го јакне целиот јавнообвинителски систем.

–Од колегите ширум јавнообвинителската мрежа не барам доверба врз основа на тоа што ќе кажам за другите кандидати. Барам да ја оценат мојата досегашна работа, мојата програма и концептот на ОЈО ГОКК што го нудам – силно и специјализирано обвинителство, но истовремено отворен и професионален партнер на секој јавен обвинител во државата. Нудам професионалност пред личниот авторитет, аргумент пред хиерархијата, тимска работа и јасна одговорност за резултатите.

И токму затоа програмата што ја подготвив содржи мерливи обврски. По една, две или четири години треба објективно да може да се види што е реализирано. На крајот на мандатот не сакам оваа програма да се оценува според тоа колку добро била напишана, туку според тоа колку од неа сме успеале да претвориме во секојдневна практика на ОЈО ГОКК, додава Азизи.

За безкомпромисно спротивставување на сериозниот криминал, обвинителот Азизи, вели дека не е доволна само решителност.

–Потребна е институција што располага со знаење, луѓе, технологија и оперативен капацитет да ја следи истрагата до крај, без оглед на тоа до кого ќе доведат доказите. Безкомпромисната борба против сериозниот криминал за мене не значи гласна реторика. Таа значи обвинителство што има знаење, луѓе, технологија и институционална храброст да ја следи истрагата до крај, без оглед на тоа до кого ќе доведат доказите, вели обвинителот.

Азизи додава дека на ОЈО ГОКК пред сè му е потребен целосно функционален истражен капацитет.

–Затоа една од моите главни заложби ќе биде јакнењето на Истражниот центар и неговото реално поврзување со обвинителите, финансиските експерти, аналитичарите и дигиталната форензика.

Вториот приоритет е принципот „следи ги парите“. Кај организираниот криминал не е доволно само да се утврди кој го сторил кривичното дело. Мора да се утврди каде завршила противправната имотна корист. Кога природата на предметот и доказите го оправдуваат тоа, кривичната и финансиската истрага треба да се водат паралелно, а кога постојат законски услови и реален ризик имотот да биде сокриен, пренесен или отуѓен, мерките за негово обезбедување треба да се иницираат без непотребно одлагање.

Третиот приоритет е сериозно вложување во капацитетите за дигитални докази. Организираниот криминал денес користи шифрирани комуникации, криптовалути и сложени механизми за прикривање и пренос на средства. Обвинителството мора да биде технолошки и стручно способно да ги анализира тие податоци, да ги поврзува со финансиските текови и со другите докази и законито и процесно одржливо да ги користи во постапката.

Четврто, ОЈО ГОКК не смее да функционира како остров. Ќе се залагам за многу пооперативна соработка со другите обвинителства, со институциите што располагаат со релевантни податоци и со странските обвинителства и меѓународните механизми. Кај организираниот криминал државната граница не смее да биде граница до која завршува истрагата, детално образложува Азизи.

На крајот заклучува дека потребни се еднакви професионални стандарди.

–За мене нема „голем“ и „мал“ осомничен и нема предмет што треба да се води поинаку поради политичката, економската или општествената моќ на лицето на кое се однесува. Единствениот критериум мора да бидат фактите, доказите и законот.

Ако ја добијам довербата, мојата амбиција не е само ОЈО ГОКК да има повеќе предмети. Амбицијата е да има посилен капацитет да ги истражи најсложените предмети, да го следи криминалниот принос, да обезбеди квалитетни докази и навремено да донесува професионални и законити обвинителски одлуки, заклучува обвинителот.

Валентина ВУРМО

 

 

Слични вести