Владимир Путин е роден на 7 октомври 1952 година во тогашен Ленинград, денешен Санкт Петербург, а во текот на повеќе од двете децении поминати на највисоките државни функции, неговите родендени честопати не се разликувале многу од другите работни денови.
Сепак, имало и исклучоци што привлекле големо внимание во јавноста.
Еден од најнезаборавните родендени на Путин бил оној во 2014 година, кога наполнил 62 години.
Тогаш, според руските медиуми, за првпат откако е на власт, тој зел слободен ден за својот роденден и заминал во сибирската тајга, на растојание од 300 до 400 километри од најблиското населено место.
Путин подоцна открил дека за време на престојот во природата, пешачел речиси девет километри низ планински терен.
Тоа претставувало голем исклучок од начинот на кој рускиот претседател вообичаено го поминува 7 октомври.
Веќе следната година, Путин го поминал својот роденден на сосема поинаков начин.
На 7 октомври 2015 година, тој имаше државни обврски и разговори, а денот го заврши учествувајќи во натпревар од Ноќната хокеарска лига во Сочи.
На тој натпревар Путин постигна седум гола, а неговиот тим победи со 15:10.
Тој и претходно го поминувал својот роденден надвор од Русија. Во 2002 година беше во Кишињев на самитот на Заедницата на независните држави, додека во 2013 година роденденот го дочека на Бали, каде што учествуваше на самитот на АПЕК.
Тогашниот претседател на Индонезија, Сусило Бамбанг Јудојоно, го изненади со песната „Среќен роденден“, кинескиот претседател Си Ѓинпинг му подари торта, а тогашниот јапонски премиер Шинзо Абе – саке.
Низ годините, Путин многу почесто го поминувал роденденот работејќи отколку одмарајќи се.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека рускиот претседател практично не може да си дозволи одмор. Неговиот роденден често вклучува државни обврски, телефонски повици и честитки од странски лидери, додека приватниот дел од денот Путин главно го поминува со семејството и блиските луѓе.
Така беше и минатата година, кога на својот 73-ти роденден Путин имаше закажана средба со постојаните членови на Советот за безбедност на Русија, а во текот на денот примаше честитки и разговараше со странски лидери.
Низ годините, Путин добивал и необични роденденски подароци – од животни и книги до трактори.
Александар Лукашенко еднаш му подари сертификат за трактор „Беларус“, а меѓу подароците што ги добил рускиот претседател имало и кученца, тигар од Усури, книги и вино, објави „Гардијан“.