Сите кои тврдат дека нема никаква закана, нека ја отворат преговарачката рамка, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, посочувајќи дека во неа е внесена издвоената изјава на Бугарија за македонскиот јазик и прашувајќи зошто воопшто се инсистирало на такво прашање ако Европската Унија смета дека нема проблем со јазикот и идентитетот.
Во интервју за телевизија Сител, таа го отвори токму прашањето за содржината на преговарачката рамка кога беше прашана за односите со Бугарија и излезот од статус кво ситуацијата на македонскиот европски пат.
– Точно е дека ЕУ вели дека нема проблем со тој јазик, меѓутоа ако, спротивно на сите меѓународни норми во 21 век, од оние во Обединетите нации, влезе во една преговарачка рамка една ваква изјава, зошто да не се сомневам јас во заканата, затоа што зошто инаку би се инсистирало на вакво нешто? – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека спорот не завршува само со прашањето за македонскиот јазик, туку навлегува и во други области што таа ги смета за идентитетски.
– Ако нема проблем, извинете, тогаш што е прашањето врзано со Бугарите? Зар не е тоа идентитетско прашање? Кој досега преговарал во ЕУ за идентитет? Што е историјата ако не е идентитет, еве да прашам? Што е културата ако не е идентитет? – праша Сиљановска-Давкова.
Таа зборуваше и за обидот во земјава да се изгради политички консензус за прашањата од национален интерес. Според неа, Македонија не треба да настапува надвор без претходно усогласена позиција меѓу политичките фактори дома.
Точно е дека во секоја демократска држава има разлики, помали или поголеми, помеѓу власта и опозицијата, но, за жал, во некои држави, дури и кога не се на страната на вистината, тие во еден глас говорат кон надвор. Почнавме ние, ако се сеќавате, преку средби, да создаваме една атмосфера. Јас не знам колку пати сум рекла дека не се оди надвор без да се постигне консензус дома и без да има договор – говорам за прашања од национален интерес – рече претседателката.
На прашањето дали во тие разговори бил вклучен и предлогот за уставни измени со одложено дејство, Сиљановска-Давкова рече дека конкретно за такво решение не се разговарало. Намерата, според неа, била да се изгради унифицирана позиција со која земјава би настапувала надвор.
Но, како што рече, процесот за постигнување консензус бил прекинат откако претставници на опозицијата не се појавиле на средбите.
– Околу консензусот приказната се прекина среде. Зошто? Бидејќи лидерот тогаш на Социјалдемократскиот сојуз отиде во Брисел и по враќањето почна да зборува гласно дека не гледа никакви проблеми, дека нема никаква закана по идентитетот – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката, сепак, гледа промена во односот на Европската Унија кон потребата од директен дијалог меѓу Скопје и Софија. Таа се повика на неодамнешниот јавен повик на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за продолжување на разговорите.
– Очигледно дека има промена кога отворено тоа е побарано од Европската Унија, преку претседателката на Европската комисија. Сите го чувме тоа. Да потсетам, и господинот претседател на Европскиот совет Антонио Кошта во Софија со слична дикција настапи, па дури и рече дека се потребни некакви гаранции – истакна Сиљановска-Давкова.