Молдавија доби пофалби од ЕУ за напредокот и 157 милиони евра

by irena 16:00
16:00

Европската комисија денес ѝ додели на Молдавија дополнителни 157 милиони евра, со што ја изрази својата поддршка за реформските чекори преземени од молдавските власти на нивниот пат кон Европската унија.

Средствата од Планот за раст за Република Молдавија беа одобрени откако денес, на меѓувладината средба ЕУ-Молдавија во Брисел, беше оценето дека властите во Кишињев успешно спровеле 18 реформи предвидени со планот, соопшти Европската комисија.

Реформите се однесуваат на развојот на приватниот сектор, економската отпорност, доброто економско управување, социјалната кохезија, пазарот на трудот, енергетиката, зелената транзиција и доброто владеење.

Ова е трета транша од фондот на ЕУ наменет за Молдавија, со што вкупниот износ достигна 661 милион евра. Вкупниот износ планиран во Планот за раст за Молдавија за периодот од 2025 до 2027 година изнесува 1,9 милијарди евра.

Во периодот од 2021 до 2025 година, ЕУ ѝ додели на Молдавија повеќе од 1,2 милијарди евра во вид на неповратни средства.

Средствата беа наменети за буџетска поддршка, енергетска безбедност, транзиција кон одржливи извори на енергија, како помош за околу 1,2 милиони домаќинства да се справат со растот на цената на електричната енергија, како и за поддршка на независното судство.

На денешната средба во Брисел присуствуваа премиерот на Молдавија, Васил Тофан, и европската комесарка за проширување, Марта Кос, а со неа претседаваше високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

На заедничката прес-конференција, Кос изјави дека Молдавија е силен партнер на ЕУ во надворешната и безбедносната политика, со која земјата е тесно усогласена, дека темпото на реформи во Кишињев е многу брзо и дека европскиот пат на Молдавија е неповратен.

Таа нагласи дека земјата досега добила 137 милиони евра од Европскиот механизам за одбрана, од кои 120 милиони ќе бидат инвестирани во противвоздушна одбрана.

Таа изрази загриженост поради „кревката“ ситуација во молдавскиот сепаратистички регион Транснистрија, кој е поврзан со Москва, но исто така нагласи дека економскиот модел на Транснистрија е неодржлив и оти тој нема да претставува пречка за европскиот пат на Молдавија.

Меѓувладината средба меѓу ЕУ и Молдавија се одржува секоја година, согласно форматот договорен со Спогодбата за пристапување потпишана во 2014 година.

На денешната, десетта по ред средба, беше анализиран европскиот пат на Молдавија во изминатите 12 месеци и беа утврдени приоритетите за наредниот период.

Слични вести