Левица предлага формирање посебна државна служба во рамките на Министерството за одбрана која би ја обезбедувала критичната цивилна инфраструктура, а во неа би можеле да бидат ангажирани и професионалните војници кои по навршување 45 години повеќе не можат да продолжат како професионални војници во Армијата.
Предлог-законот за критична инфраструктура на седница на Законодавно-правната комисија го образложи пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил.
Според него, со предложеното решение истовремено би се решавале два проблема – физичкото обезбедување на критичните објекти и понатамошното искористување на обучениот кадар од Армијата.
„Имаме недоволно физичко обезбедување на критичната цивилна инфраструктура, или таа е доверена на комерцијален однос, односно на приватно обезбедување. Лично, како предлагач, сметам дека тоа не е добро затоа што одговорноста за вакви критични објекти би требала да биде јавна, односно на државните органи“, рече Исмаил.
Според предлогот, службата би функционирала во рамките на Министерството за одбрана, но не би била дел од Армијата.
Нејзина задача би била физичката заштита на критичната цивилна инфраструктура согласно однапред утврдени приоритети, планови и расположлив кадар.
Како примери за инфраструктура од непосредно значење за секојдневното функционирање на граѓаните се посочуваат водоводните и комуникациските системи, како и други објекти од критично значење.
Исмаил посочи дека вториот проблем што Левица сака да го реши е статусот на професионалните војници по навршувањето 45 години.
„Другиот проблем е нерешениот статус на војниците кои по навршување 45 години немаат право повеќе да бидат дел од Армијата како професионални војници. Практично, решението кое го нудиме е поврзување на двата овие проблеми со нудење решение преку една служба во рамките на Министерството за одбрана, но не како дел од Армијата“, рече Исмаил.
Идејата е нивното воено искуство, обука и знаење да продолжат да се користат преку ангажман во новата служба, наместо обезбедувањето на дел од критичните објекти да им биде препуштено на приватни компании.
Предлогот, според Исмаил, во почетната фаза би барал дополнителни средства од државниот буџет, но предлагачите очекуваат на подолг рок државата да заштеди средства.
„На краток рок ќе предизвика одредени поголеми финансиски одливи од буџетот, но на долг рок се очекува тоа да заштеди финансиски одливи, затоа што ќе преземе генерално дел од пазарот каде што приватното обезбедување моментално оперира“, рече тој.
Во функционирањето на системот е предвидена координација меѓу Министерството за одбрана, Владата и Центарот за управување со кризи.
Министерството за одбрана би било задолжено за обезбедување и планирање на кадарот, додека објектите што би ги обезбедувала службата би се определувале според утврдените приоритети и расположливите капацитети.
„Ова законско решение поставува еден темел врз кој што треба да се гради еден ваков систем“, рече Исмаил.
Тој посочи дека во иднина надлежностите на ваквата јавна служба би можеле да бидат проширени и кон обезбедување други јавни објекти, меѓу кои и училиштата, иако тие не спаѓаат во категоријата критична инфраструктура.
Предлог-законот не доби поддршка од Законодавно-правната комисија.
За неговото понатамошно процесирање треба да се изјасни Собранието на пленарна седница.