Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го испратило барањето за средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, потвриле за МИА од МНР.
Доколку дипломатската нота добие позитивен одговор од другата страна, средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија би се одржала следната недела во Софија, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.
Иницијативата доаѓа по денешната средба на премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање за став во врска со барањето на земјава за вклучување на Европската Унија во разговорите со Софија, Фон дер Лајен изјави дека со Мицкоски се договориле првиот чекор да биде направен следната недела, во обид да се деблокира процесот.
-Се договоривме да имаме прв чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот, односно да го претвориме во процес, тоа е најважниот дел – рече Фон дер Лајен.
Осврнувајќи се на истата тема, Мицкоски рече дека шефицата на ЕК го советувала, за време на посетата на министерот за надворешни работи Муцунски на Софија следната недела, да побара билатерална средба со својата колешка Петрова-Чамова.
-Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме процесот од некаде да го движиме – рече тој.
По совет на Фон дер Лајен, Мицкоски побарал Муцунски да иницира средба со бугарската колешка