Минувачи пронашле мртво новороденче (женско) покрај патот во Бекум, во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Полицијата сега го стесни временскиот период во кој било оставено бебето, а причината за смртта сè уште е непозната.
Девојчето било пронајдено мртво во сива торба за пазарење, оставена покрај патот во Бекум, југоисточно од Минстер. Минувачи го пронашле безживотното тело на бебето во саботата, а полицијата сега се обидува да утврди кој го оставил таму.
Врз основа на првичните извештаи, истражителите веруваат дека бебето било донесено и оставено на улицата „Алтер Хамвег“ во саботата, помеѓу 11:00 и 13:30 часот.
Сè уште не се знае која е мајката на девојчето, ниту под какви околности починало детето.
Обдукцијата не дала јасен одговор за причината за смртта, а истражителите ја проверуваат и можноста детето да било убиено.
Бебето се наоѓало во сива торба од трговскиот синџир „Poco“, на која било нацртано смајли. Било завиткано во ќебе со црвено-бели карирани шари и во светол пешкир за сауна со ознака „Möve for frottana“.
Полицијата ги повикува граѓаните да се јават доколку ги препознаваат овие предмети или знаат од кое домаќинство можеби недостигаат.
Истражителите апелираат до сите што биле во близина на „Алтер Хамвег“, како и до оние што биле во блискиот коњички клуб, да пријават какви било сознанија што би можеле да помогнат во истрагата.
Посебно се трага по жена или девојка чиј изглед или однесување значително се промениле во последните неколку месеци.