Петров: Оваа недела ќе го доставиме планот до Филипче, СДСМ е на слабо ниво, сулудо е да се чека

by irena 22:59
22:59

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ во текот на оваа недела ќе го достави својот план до СДСМ и до претседателот на партијата, најави проф. д-р Андреј Петров во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Петров посочи дека документот содржи повеќе точки и конкретна динамика за тоа како, според иницијаторите, треба да продолжат процесите во партијата.

„Ние ќе го доставиме планот наш до СДСМ, односно до претседателот на партијата со повеќе точки како ќе се продолжи натаму“, рече Петров.

Тој нагласи дека предлогот е подготвен со, како што вели, искрена желба да се помогне во надминувањето на актуелните состојби во СДСМ, додека одлуката за тоа како ќе биде разгледан останува на партиското раководство.

„Може ќе му треба време да го разгледа, може ќе ни одговори веднаш, мене ова не ме интересира, не можам да знам“, изјави Петров.

Според него, иницијаторите се убедени во аргументите што ги изнесуваат и сметаат дека конечната оценка за нивните предлози треба да ја дадат членовите на партијата и јавноста.

„Направено е со искрена желба и желба да се помогне. Имаме план, имаме динамика, нека оценат луѓето кој греши, а кој е во право“, порача тој.

Петров повторно изнесе критики за актуелната состојба во СДСМ, оценувајќи дека поддршката за партијата е на ниско ниво и дека промените не треба да се одложуваат. Во истото интервју тој се повика на анкети за кои рече дека ја ставаат поддршката за СДСМ на околу 7,5 до 8 проценти.

„Ние сме убедени дека нашите аргументи држат, дека СДСМ е на слабо ниво и послабо не може да оди“, рече Петров.

Тој смета дека партијата треба навреме да се подготвува за следниот парламентарен изборен циклус и дека нема простор за одложување на процесот што го предлага платформата.

„Сулудо е да се чека“, порача Петров.

Според него, целта на иницијативата е да понуди конкретен план за промени во функционирањето на СДСМ, а не само кадровски промени. Петров во одделна изјава нагласи дека, според него, потребни се демократизација, поголема отвореност и вклучување на нови генерации во партијата.

Конечната одлука за предлозите на платформата ќе биде на раководството на СДСМ, додека Петров вели дека членовите и јавноста треба да оценат дали аргументите на иницијаторите се оправдани.

Слични вести