Косовскиот рапер Дон Џони се огласи по реакциите што ги предизвика снимањето на неговиот нов спот во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево.
Тој преку објава на Инстаграм порача дека ниту тој, ниту неговиот тим немале намера да провоцираат, навредат или да ја омаловажат вредноста на местото и неговата симболика.
„Локацијата беше само дел од сценариото и ја избрав поради продукцијата. Немаше навредливи пораки, тенденција за провокација или каква било друга цел“, наведе раперот.
Неговата реакција следува откако снимањето на спотот во „Македониум“ предизвика реакции во јавноста. Дел од критиките се однесуваа на користењето на меморијалниот комплекс за снимање музички видеоспот, со оглед на неговото историско и културно значење.
Дон Џони во објавата нагласи дека целта била исклучиво уметничка и продукциска и дека немало намера да се навреди кој било национален симбол.