Клековски не ги смета за малтретирање промените во боледувањата: Земаат боледување, а на Инстаграм објавуваат слики од одмор

by irena 18:16
18:16

Целта на измените на Правилникот за боледување е да ги сузбиеме злоупотребите, а не да малтретираме – вели министерот за здравство Сашо Клековски, по реакциите во јавноста на предложените измени, според кои би се намалиле деновите што за боледување може да ги одобри матичниот лекар, како и најавените заострени контроли на домашна адреса на вработените што користат боледување.

„Има ситуации во кои луѓе што се на боледување на Инстаграм објавуваат фотографии од одмор во Италија. Имаме и примери, каде што луѓе што се на боледување, а работат друга работа“, посочи министерот за здравство.

Клековски не смета дека е казна за граѓаните намалувањето на периодот од седум на пет дена за кој матичен лекар може да отвори боледување зашто, како што рече, има инфлација на боледувања, особено на такви што се издаваат преку телефон. Од друга страна, министерот е на став дека треба да има олеснување за пациентите кои имаат трајни и непроменливи дијагнози – онколошки, автоимуни или потешки дијагнози.

„Треба да ја релаксираме администрацијата, каде што е јасно дека дијагнозата е непроменлива, а малку повеќе да го оневозмжиме земањето боледување за спојување празници, за одење на годишен одмор кога сакаме да одиме“,додава тој.

Контролата на движење на пациентите кои се на боледување, според него, треба да се уреди законски бидејќи во моментот не е уредена во постојните решенија. Додава дека контролорите на Фондот за здравствено осигурување имаат право да вршат контроли, вклучувајќи и каде се наоѓа пациентот.

Клековски посочи дека планираните измени на Правилникот за боледување се правени врз основа на компаративни анализи и додаде дека Министерството и ФЗО се отворени за разговор за сите дилеми.

Левица бара механизмот на боледување да се уреди законски, а не со правилник на ФЗО.

Слични вести