Одбивавме да бидеме заложници на туѓи војни

За тие што како Словенија и Хрватска веќе беа во војна, во интерес им беше и во Македонија, и во Босна да се отвори нов фронт против Србија, за да се намали притисокот врз нив. Сосема е можно, жестоката реторика на македонската опозиција, која немаше разбирање за политиката на својата држава, да беше, делумно, производ и на информации што доаѓаа од Загреб и од Љубљана. Имено, држави во војна се подготвени на сè за да си ја олеснат својата позиција.

by valentina 11:13
11:13

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија

Во месеците што следеа се соочивме со насилната смрт на федерацијата и, одбивајќи да бидеме заложници на туѓи војни, тргнавме по сопствениот пат на меѓународно признавање. Меѓутоа, моето одбивање да учествувам во убиството на Југославија, единствено можно преку масовното убивање на нејзините граѓани, како и моите напори, преку дијалог да се редефинираат односите меѓу народите на федерацијата, ми заработи лош глас во националистички настроената македонска јавност. До денешен ден, во разни варијанти, но најчесто во форма на изјава што наводно сум ја дал пред Парламентот, а гласела „Независна Македонија само преку мене мртов“, се повторува една лага. Не ми беше од помош ниту интервјуто за неделникот „Пулс“, буквално од првите денови на моето министерување, кога, претставувајќи ѝ се на јавноста, го бранев ставот дека во интерес на Македонија е да се избегне војна и да се сочува некаква институционална форма на соработка меѓу југословенските републики, идните суверени држави. Новинарот, се сеќавам, инсистираше да се изјаснам дали Македонија е подготвена за радикалните сецесионистички варијанти на Словенија и Хрватска. Одговорив дека за таквите варијанти треба да се побара нов министер за надворешни работи. Бев цврсто убеден дека патот на македонската независност не смее да биде реприза на крвавите искуства на Словенија и Хрватска, а подоцна и Босна. Овие чувства ги споделував со претседателот Киро Глигоров, иако никогаш не ни требаа зборови да ги искажеме. Едноставно, размислувам, тоа ни го налагаше човечката пристојност и огромната одговорност кон граѓаните на Македонија, кои мораа да бидат поштедени од бестијалностите на етничките војни.

Со тие ставови одолеавме на првите симптоми на национална хистерија, која почнаа да ја манифестираат водачи на партии, пратеници, министри, новинари и интелектуалци. „Македонија (пак) доцни“ стана слоганот околу кој се обединија противниците на оваа наша политика. Не. Македонија не доцнеше. Другите брзаа во војна! Лично, јас бев убеден во исправноста на моите ставови и немаше сила, тогаш на четириесет и некоја година, да ме разубеди. Дваесетина години порано, како студент, можеа и да ме замислат зборовите на мојот пријател-активист за некои мои ставови, кои нему му личеле на „ѓиласовштина“. Ми вели: „Па, не ќе да е дваесет милиони во Југославија да грешат, а ти да си во право!?“.

Во 1991 година веќе го имав апсолвирано прашањето и знаев дека е сосема можно дваесет милиони да грешат, а еден да е во право.

НЕОСНОВАНИ ОБВИНУВАЊА

Внимателноста и респектот со кои македонската официјална политика се однесуваше кон другите народи на Југославија имаше свој пандан на меѓународен план во политиката на „мирољубиво самоопределување“. Искрено верував и бев длабоко убеден дека во новите околности што настанаа во Европа со завршувањето на Студената војна, независноста е можна само со помош на разумот и на правото. Спротивно на доминантниот тренд на одбрана на своето и напад врз туѓото, во стотици мои изјави за светските и за медиумите на другите југословенски републики, како и за македонските, упорно го подвлекував тоа што беше позитивно во нашето досегашно живеење во југословенската федерација, не осврнувајќи се на обвинувањата на домашните националисти. Меѓутоа, радикализираните состојби во Југославија и во Македонија не ѝ одеа во прилог на оваа умерена политика, па оттаму и честите неразбирања за моите намери како нејзин протагонист. Така, обидот да се спасат народите на Југославија од војни, вклучувајќи го, се разбира, и македонскиот народ, и да се овозможи мирна транзиција кон демократија преку создавање конфедеративен сојуз предложен од претседателите на Македонија и на Босна, Глигоров и Изетбеговиќ, беше толкуван и (сè уште) се толкува како антимакедонски чин!? На ист начин се гледаше и на македонската надворешна политика, која, наспроти гледиштето на националистите дека цената на независноста е секогаш во крв, тврдеше, со силна убеденост, дека во денешна Европа, независноста по мирен пат и со правни средства е можна. За моја среќа, тоа се обистини. Во спротивно, да го парафразирам Линколн, ниту дузина ангели не ќе беа доволни за да посведочат во моите добри намери. Успехот на оваа умерена политика на преговарање и компромиси, што доведе, прво до позитивно мислење на Бадинтеровата комисија дека Македонија ја заслужила својата независност и треба да биде признаена од земјите на ЕЗ, а потоа, врз основа на тој меѓународен документ, и до мирно повлекување на ЈНА од нашата територија и до нејзиното меѓународно признавање, му ја одзеде силата на екстремниот национализам, кој ја чекаше својата шанса. И, за наша среќа, не ја дочека. Се разбира, иако не можевме да знаеме за нешто што не се случило, не треба многу фантазија да се замисли таа националистичка алтернативна политика, која не ја доби својата политичка шанса: бранувања на националните чувства, конфронтација со ЈНА преку опколување и пукање во гарнизоните во Македонија или пресметки меѓу Македонците и Албанците. Уште помалку е потребна фантазија за да се замислат нејзините последици.

Надворешната политика што ја водевме, раководена од интересите на нашиот народ и на нашата идна самостојна држава, внимателно ги следеше настаните во федерацијата и во републиките и одлучно се држеше до принципот дека сме за договор со останатите народи. Поведение раководено од историската девиза „Слобода или смрт“ за мене беше опасно и глупаво и, по малку, комично во Европа 1991 година. Затоа, кога претставниците на меѓународната заедница во другите републики беа дочекувани со зборовите дека нивните политичари се подготвени да умрат за својата земја, јас, на смеење, им велев дека ние сакаме да живееме за Македонија. Некако, секогаш верував дека има време за умирање, сомневајќи се, притоа, во искрените намери токму на најгласните приврзаници на таа опција, да умрат први. Фактот дека, во првите месеци на југословенската криза, одевме, така да се рече, чекор зад настаните, за домашните националистички умови, но и кај некои исти такви од југословенските републики, предизвикуваше недоумица за вистинските намери на нашата држава. Дома, неретко, се слушаа обвинувања дека се подготвува голема измама и дека претседателот и министерот за надворешни работи не работат во полза на македонската независност, туку во полза на Белград. За оние што не беа свесни за брзината со која модерната авијација ја совладува дистанцата од Вашингтон до Скопје, фактот дека претходниот ден сум се јавил од преку-океанот, а утредента ме виделе на улиците во Скопје, беше доказ за големата измама: јас, имено, сум се јавувал од Белград, а не од Вашингтон. А тој град, Белград, за кој ме врзуваат прекрасни спомени од најраното детство, кога со дедо Марко и баба Тереза, со трите сестри и трите братучетки одевме на излети на Кошутњак и на бањање на Ада Циганлија на Сава, не сум го посетил еве 35 години.

НА СЛОВЕНИЈА И НА СРБИЈА, ВО ИНТЕРЕС ИМ БЕШЕ И МАКЕДОНИЈА ДА Е ВО ВОЈНА

На почетокот имаше извесно недоразбирање за нашата политика (на претседателот Глигоров и моја) и во односите со некои од републиките. Потоа, верувам, разбраа дека нема да дозволиме да бидеме вовлечени во игра што го бранеше нивниот интерес и би го запоставила нашиот. Се сеќавам дека, кога на еден од првите состаноци на министрите за надворешни работи на републиките, на Конференцијата за Југославија, ја образложив позицијата на Македонија, словенечкиот министер Рупел не можеше да разбере дека тоа што го зборувам е автентична позиција на македонската политика, а не, што нему му се чинело „нешто помеѓу“. Тој, имено, беше убеден дека нашиот избор е помеѓу словенечката сецесионистичка политика и српската унитаристичка. Се разбира, со претседателот сметавме дека Македонија, со своето видување за причините на југословенската криза и за патиштата за излез, имаше своја автентична меѓунардона политика, диктирана и од нејзината специфична геополитика. Интересно е да се забележи дека на сите тие состаноци, босанскиот министер Харис Силајџиќ целосно го поддржуваше тоа што го зборував, доказ дека двете идни суверени држави се чувствуваа како потенцијални жртви на насилното уривање на федерацијата. Наједноставно кажано, наш интерес беше решение за кризата на преговарачката маса, и тоа во форма на редефинирање на односите меѓу народите или дисолуција на федерацијата на конференциската маса, а не со војна. За тие што како Словенија и Хрватска веќе беа во војна, во интерес им беше и во Македонија и во Босна да се отвори нов фронт против Србија, за да се намали притисокот врз нив. Сосема е можно, жестоката реторика на македонската опозиција, која немаше разбирање за политиката на својата држава, да беше, делумно, производ и на информации што доаѓаа од Загреб и од Љубљана. Имено, држави во војна се подготвени на сè за да си ја олеснат својата позиција. Во таа насока, мислам, беше и сугестијата на словенечкиот министер Рупел, кој, во четири очи, на паузата од Конференцијата за Југославија, ми вели дека бил во посета на Бугарија, дека „таму не е лошо“ и реторички праша „зошто Македонија не би размислила да ѝ се приклучи“.

(Продолжува)

 

 

Слични вести