Претседателот на Србија и носител на изборната листа „Обединета Србија“, Александар Вучиќ, денес не сакаше да ја коментира анкетата за јавното мислење спроведена од агенцијата „Фактор плус“.
Таа анкета на неговата листа ѝ дава поддршка од 48,6 отсто, а на Студентската листа 37,1 отсто, но тој оцени дека „натпреварот е многу неизвесен“.
„Листата за блокада е листа ’против‘, тие немаат никаква политика. Таа листа има и предност и ќе биде тешко да се стигне. Ние ќе дадеме сè од себе и ќе се обидеме да се бориме до последниот момент“, им изјави Вучиќ на новинарите во Њујорк, каде што учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.
Прашан за видеото на студентите кои го блокираат Факултетот за драмски уметности (ФДУ), а во кое се зборува за него, тој рече дека „секогаш кога мислите дека им дошол крајот на злобата и одвратностите, секогаш се изненадувате“.
„За мене, многу поважно од тоа видео – во кое ми предвидуваа и ми се закануваа со силување во затвори или не знам каде – е она што им го прават на жените во Србија; тоа е многу поопасно, а кампањата што ја водат против жените во Србија е толку ужасна што немам зборови. Тие ги мразат жените“, додаде Вучиќ.