Лекар најави штрајк со глад откако третпат бил одбиен на оглас за вработување – тврди дека е дискриминиран поради возраста

by irena 21:04
21:04

Лекарот и приватен специјализант Дарко Василевски најави штрајк со глад, откако, како што тврди, по третпат бил одбиен на јавен оглас за вработување. Во отворено писмо упатено до Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, тој изразува сомнежи во транспарентноста на постапката за избор на кандидати.

Станува збор за јавниот оглас 01/2026 за вработување двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија при Медицинскиот факултет на УКИМ.

„Со ова писмо јавно го изразувам моето длабоко незадоволство од начинот на кој е спроведена постапката за селекција на кандидати и донесена одлуката за вработување по јавниот оглас 01/2026“, наведува Василевски.

Тој тврди дека начинот на кој била спроведена селекцијата отвора прашања за критериумите, транспарентноста и еднаквиот третман на кандидатите. Според него, известувањето за примените кандидати било испратено по електронска пошта, без правна поука и без образложение според кои критериуми бил направен изборот.

Василевски воедно тврди дека бил дискриминиран врз основа на возраста.

„Годишната возраст не е критериум за вработување, туку основ за дискриминација! Јавниот оглас за вработување треба да биде гаранција за еднакви можности, изборот треба да биде транспарентен, објективен и заснован на знаење, стручност, искуство и исполнување на условите“, пишува тој.

Како лекар и приватен специјализант кој, според неговите зборови, со години вложува сопствени средства во образованието и професионалното усовршување, Василевски вели дека очекувал еднаква можност да ги претстави своите квалификации.

Тој нагласува дека не бара привилегии, туку фер и транспарентна постапка во која трудот, образованието, стручноста и професионалното искуство ќе бидат критериуми при изборот.

Василевски побара од надлежните институции да објаснат врз основа на кои критериуми била донесена одлуката за избор на кандидатите и да обезбедат транспарентност на постапката.

„Како крајна форма на мирен граѓански протест, најавувам и штрајк со глад, со цел моето барање за правична и транспарентна постапка да биде слушнато“, наведува Василевски.

Засега во доставениот материјал нема став од Медицинскиот факултет, Министерството за здравство или Министерството за образование и наука во однос на неговите наводи.

Слични вести