Речиси 2,2 милиони денари се собрани на 12. Хуманитарен пикник на „Алкалоид“, а средствата ќе бидат донирани на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ за набавка на современа медицинска опрема.
Донацијата е наменета за набавка на современ бронхолошки столб со фибербронхоскоп – специјализирана опрема која овозможува директен и прецизен преглед на дишните патишта кај децата.
Опремата има значајна улога во навремената дијагностика и третманот на белодробните заболувања, а се користи и при итни состојби, меѓу кои и случаи кога дете ќе вдише туѓо тело во дишните патишта.
Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, истакна дека годинава компанијата и нејзините вработени одлучиле хуманитарната акција да ја насочат кон најмладите пациенти и здравствените работници кои се грижат за нив.
„Оваа година одлучивме да им помогнеме на најмалите и да им помогнеме на професионалците кои водат грижа за најмалите, затоа што тоа е дел од нашето мото, од нашата мисија, а тоа е здравјето пред сè“, рече Мукаетов.
Директорката на Клиниката „Козле“, проф. д-р Катерина Бошковска, изрази благодарност за донацијата, посочувајќи дека новата опрема ќе придонесе за подобрување на условите за лекување на децата.
„Особено сме благодарни што ‘Алкалоид’, како и многупати досега, ја препознава важноста на вложувањето во здравјето и создавањето подобри услови за лекување на најмладите пациенти. Ваквата поддршка е пример за општествена одговорност која создава конкретна и трајна вредност за заедницата“, изјави Бошковска.
Хуманитарните пикници на „Алкалоид“ започнале пред 15 години. Досега се одржани 12 изданија, со прекин за време на ковид-пандемијата, а во рамките на иницијативата се собрани близу 14 милиони денари.
Донациите низ годините биле насочувани кон здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, деца, лица со ретки болести, ранливи категории и лица од третото доба, како и кон иницијативи за заштита на животната средина.
Сите досегашни донации се реализирани преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, основана од „Алкалоид“ во 2007 година.