Без положен испит добивале Ц и Д категории – обвинети вработена во МВР и петмина возачи

by irena 16:19
16:19

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против шест лица за продолжени кривични дела – фалсификување исправа, согласно член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како првообвинета е опфатена вработена во Министерството за внатрешни работи, која работела како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи – Скопје. Според обвинението, таа во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, во повеќе наврати ги користела своите шифри и преправала возачки дозволи, при што внесувала дополнителни категории.

Останатите петмина обвинети се возачи кои, иако знаеле дека немаат положено испити за категориите Ц и Д, во договор со првообвинетата поднесувале барања за издавање возачки дозволи во кои биле внесувани дополнителни категории.

Според обвинителството, фалсификуваните исправи потоа биле користени за аплицирање и добивање сертификати за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки. Со таквите документи, обвинетите во повеќе наврати управувале автобуси или товарни возила во меѓународниот сообраќај.

За тројца од обвинетите, меѓу кои и вработената во МВР, јавниот обвинител побарал продолжување на претходно определената мерка притвор.

За останатите тројца обвинети, кои во моментов се недостапни за органите на прогонот, е предложено определување мерка притвор веднаш по нивното пронаоѓање. Постапката против нив ќе продолжи во нивно отсуство.

Во рамките на истиот предмет, обвинителството продолжува со обезбедување докази против уште 21 лице, кои се осомничени дека биле посредници или корисници на фалсификуваните возачки дозволи.

Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека продолжува и истрагата за евентуални други злоупотреби поврзани со случајот.

Слични вести