Екс директорот на ,,Лотарија”, Перпарим Бајрами, на денешното судско рочиште, на кое со уште неколкумина обвинети се гони за криминал од 9,7 милиони евра, истакна дека не е виновен.
-Не, не се чувствувам за виновен, рече Бајрами на прашањето на судијката.
Дека не е виновен истакна и обвинетиот Башким Авдиу, а исто така, и останатите обвинети се изјаснија за невини, но на минатото рочиште.
Покрај Бајрами, во случајот обвинети се и поранешниот вицепремиер Артан Груби, Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
Адвокатот на Груби посочи дека ќе ја дополнат листата на докази со одлуки на Владата, на што екс вицепремиерот Груби истакна дека тогаш се ќе биде појасно и за судот и за јавноста.
Адвокатот на Бојан Јанев истакна дека како сведок ќе го повикаат сегашниот генерален директор на Лотарија, Александар Климовски.
Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејства преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.
В.В.