Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска на говорницата во Собранието изнесе документација според која наводно директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Петар Гајдов, порано се вработил запишан како Албанец.
Според Спасовски, Агенцијата го изгубила институционалниот кредибилитет поради постапките на нејзиниот прв човек. Спасовски се наврати на времето кога Гајдов се вработил на работното место помошник-раководител на Секторот за правни, општи работи и управни постапки, во рамките на Секторот за управно-правни работи, за кое се барал еден извршител.
„Ова е јавниот оглас врз основа на кој сте се вработиле. Во јавниот оглас е наведено дека предвиденото вработување, согласно со Годишниот план на институцијата за 2020 година, е за Албанец, односно Албанка. Од решението со кое е извршен изборот јасно се гледа дека сте биле избран за помошник-раководител на тоа работно место како етнички Албанец. Јас не навлегувам во тоа дали сте Албанец, Македонец, Кинез или нешто друго. Секој има право слободно да ја изрази својата национална припадност. Но, вие сте Албанец сè до моментот кога треба да конкурирате за директор на институцијата“, рече Спасовски.
Потоа, додаде тој, кога Гајдов конкурирал за директор на институцијата, дал изјава заверена кај нотар, во која се изјаснил дека се чувствува како Македонец, со македонска национална свест, и му припаѓа на македонскиот народ.