Македонски триумф на Сараево филм фестивал

by irena 09:52
09:52

Филмот „17“ на Косара Митиќ освои три, а „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума има една награда на 32. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа, објави „Умно.мк“

Митиќ ја доби Специјалната награда за промоција на родовата рамноправност. Наградата е основана во партнерство со Mastercard и се доделува на дебитант чија работа се одликува со силен авторски глас и придонес кон родовата рамноправност во кинематографијата.

Од Сараевскиот филмски фестивал посочуваат дека наградата ја одразува заедничката визија за инклузивно раскажување приказни и важноста да им се даде простор на новите авторски гласови во светската кинематографија.
За „17“ пристигна признание и од Cineuropa, што се состои од 5000 евра.

Третото признание за „17“ го доби Ева Костиќ, која беше наградена со „Срце на Сараево“ за најдобра актерка во главна улога, за одличната изведба на улогата на Сара – нејзина прва улога на филм.

Костиќ ја игра 17-годишната Сара, тинејџерка која станува сведок на сексуално насилство врз своја соученичка. Филмот го истражува начинот на кој една млада девојка се справува со траумата, вината, молкот и последиците од насилството.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума доби Специјална награда на перспективите на младите.

Филмот ја следи приказната за младите сестри Адела и Зара, нивниот свет на скејтбордингот и борбата за слобода во средина во која традиционалните општествени норми силно го определуваат животот на девојките.

Наградит ги додели жирито во состав: Емили Вотсон, претседателка (актерка, Обединетото Кралство), Игор Безиновиќ (режисер, Хрватска), Сара Климоска (актерка, Македонија) Матхејс Ваутер Кнол (директор на Европската филмска академија, Холандија) и Атина Рејчел Цангару (режисерка, сценаристка и продуцентка, Грција).

Слични вести