Вандализам на Попова Шапка: уништени или оштетени над 45 од 112 новопоставени столбови до Титов Врв

by irena 18:14
18:14

Над 45 од вкупно 112 новопоставени столбови за зимска планинарска маркација на релацијата Попова Шапка – Титов Врв се уништени, оштетени или отстранети, информира Здружението за одржлив развој САТ – Скопје.

Според здружението, дел од столбовите биле сечени со брусилица. Зимската маркација била поставувана од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година, со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од Тетово и Боговиње.

Патеката Попова Шапка – Титов Врв е долга околу 11 километри, а штетата се проценува на најмалку 8.000 евра, односно околу 500.000 денари.

Зимската маркација била дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С. Македонија“, поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, како и од Скопска Пивара. Проектот бил реализиран со поддршка на Одржливи Авантуристички Патувања, САТ Скопје и во соработка со Планинарската федерација на Северна Македонија.

Од здружението предупредуваат дека уништувањето на столбовите не претставува само материјална штета. Во зимски услови, кога снегот, маглата, силниот ветер и намалената видливост ја покриваат или ја прават невидлива летната маркација, столбовите се важни точки за ориентација на планинарите.

Столбовите се означени со црвена и жолта боја за да обезбедат подобар визуелен контраст на снежен терен. Од САТ посочуваат дека нивното уништување ја загрозува безбедноста на планинарите, туристите, водичите и спасувачите, но и претставува удар врз планинарската и туристичката инфраструктура.

Случајот е пријавен во Полициската станица Попова Шапка. На 19 август, стручен тим на полицијата, во присуство на претставници на Националниот парк Шар Планина, извршил увид и ги документирал локациите каде што е утврдено оштетување или отстранување на опремата.

Од САТ очекуваат надлежните институции да ги утврдат сите околности и сторителите да одговараат согласно закон.

Од здружението апелираат до сите посетители на Шар Планина да ја почитуваат и заштитуваат планинарската инфраструктура и да пријавуваат секое оштетување или отстранување на маркацијата.

„Маркацијата не е само столб или знак – во услови на снег, магла и невреме, таа може да ја направи разликата помеѓу безбедното враќање и губењето во планината“, посочуваат од здружението.

Слични вести