Откако главниот штаб за управување со кризи објави дека водата за пиење во Гостивар е безбедна, сите присутни се напија чаша вода за да докажат дека таа е повторно безбедна за пиење.
„На здравје нека е“, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и шеф на главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска и соопшти дека по еден месец, водата конечно е безбедна за пиење.
Не стивнаа реакциите од вчерашниот кога градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски пред камери на прес-конференција во живо проба вода од градскиот водовод за да докаже дека информацијата за бактерии во водата била лажна вест, а денес нова брука во Гостивар.
Првите луѓе на ДЗС, ЦУК, медицинари и општинари се напија вода пред камери за да им покажат на граѓаните во Гостивар дека може да се пие водата после точно еден месец од скандалот со труењето на граѓаните со фекалии и со големата епидемија на стомачен вирус.
„Каква брука, човече! Кој ви советува ПР? Ако некогаш се прашувате што не е во ред со нас како држава, погледнете го ова фото/видео.
Пред само еден месец, гостиварчани пиеја вода контаминирана со фекалии, а повеќе од 2.000 граѓани завршија во болница. Денес, функционерите со камери и насмевки ја „промовираат“ водата и ги убедуваат граѓаните дека можат да ја пијат без грижа.
А Ангелов, воодушевен, ни објаснува дека водата била „многу вкусна“ и дека дури ќе си наполнел една туба за Скопје. Од фекалии до „вкусна вода“ за еден месец, и сето тоа претворено во ПР спектакл.
Така, драги другари, со ваков провинцијализам не се гради држава. Кога основна обврска на институциите — да обезбедат чиста вода за пиење — се претставува како историски успех, тогаш проблемот е многу поголем од една загадена водоводна мрежа“, напиша Бленди Ходаи, директор на Форумот за образовни промени.
Според коментарите на социјалните мрежи, граѓаните не можат да поверуваат со каков Пи-ар се занимаваат политичарите, а дел од нив кога го виделе видеото, помислиле дека некој го креирал со алатка за вештачка интелигенција.
„21 век, 2206 година, ние вода пиеме да покажеме дали е чиста“, „Циркус Медрано, па уште на здравје си викаат“… се само дел од коментарите на интернет.
Но, овој циркус не е прв во македонската историја. Во 2016 година откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе одлука четири плажи на Дојранско езеро да бидат забранети за капење, граѓанин пиеше вода од езерото пред камерата на една телевизија.
„Дојдете да видите за неколку дена дека не ми е ништо“, рече тој.
„И син ми пие од оваа вода“, порача на прес-конференција градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и пред камери порача да му донесат чаша вода од чешма, ја испи и „докажа“ дека водата е исправна. Пресот беше реакција на шпекулациите во јавноста дека водата во Скопје е загадена со бактерии.
Пиарот на нашите политичари се чини е копија на политичкиот маркетинг кој го практикувале функционери од Србија, Турција, САД…
На 10 октомври 2025, откако по повеќе од 21 година беше укината забраната за користење на водата од градскиот водовод во Зрењанин, градоначалникот Симо Салапура јавно испи чаша вода пред камерите. Тој изјави дека водата е „апсолутно безбедна“ и дека ги исполнува прописите. Водата била официјално забранета за пиење од 20 јануари 2004 година токму поради недозволено ниво на арсен. Сепак, граѓаните не му поверувале само затоа што ја испил водата. Еден жител за весникот „Време“ дури рекол дека не знае дали градоначалникот навистина пиел вода од чешма или му била дадена флаширана вода.
Мелих Ѓокчек, долгогодишен градоначалник на Анкара, Турција, во септември 2014, во време кога имало обвинувања дека водата од чешма е загадена и предизвикува здравствени проблеми, испил чаша вода од чешма пред камерите за да покаже дека е безбедна. Дури ја споредувал со флаширана француска вода.
Дејн Волинг, градоначалник на Флинт, САД, во 2015, додека траела кризата со загадената вода во Флинт, пиел вода од чешма во јавност и уверувал дека е безбедна, а јавно тврдел и дека тој и неговото семејство ја пијат. Подоцна се покажа дека кризата со оловото во водата е сериозна.
Во 1996, во време на проблеми со бактериска контаминација на водоводот во Вашингтон, САД, градоначалникот Мерион Бери испил чаша вода од чешма на прес-конференција за да покаже дека водата е безбедна за повеќето луѓе.
Во 2021, тогашниот советник, а подоцна избран за градоначалник на Воуви, Мериленд, Мајк Естив, испил кафеава вода од чешма на јавен состанок за да покаже дека проблемот со бојата не значи дека водата е опасна.
Инаку, водата во Гостивар, според Ангелов, е прогласена за безбедна за пиење откако во три последователни примероци не се најдени бактерии, додаде тој.
Водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули, откако институциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се над 5.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.
Од 27 јули водата во Општина Гостивар можеше да се користи како техничка вода, односно може да се користи за бањање и за сите останати потреби во рамки на домаќинството.
Орце Костов